Свет
6. November 2015 - 14:35

Британски експерти: Рускиот „Ербас“ е урнат со бомба поставена во авионот

Британски безбедносни експерти кои трагаат по причината за падот на рускиот авион во Египет, се убедени дека леталото е соборено со бомба, која била внесена во него во последен момент, непосредно пред неговото полетување.

Според Би-Би-Си, кој се повикува на свои извори во британското разузнавање, аналитичарите на владиниот Центар за терористичка анализа пресретнале комуникација меѓу припадници на милитанта исламистичка група која дејствува на Синајскиот Полуостров.

Експретите веруваат дека бомбата не била во багажот што го минал безбедносното скенирање, туку дека била ставена во „багажникот“ на авионот, пред тој да биде затворен и пред авионот да полета од Шарм ел Шеик за Санкт Петербург.

Тоа го отвора прашањето за работата на безбедносните служби на аеродромот и на лугето кои се вклучени во подготовката на авионите за нивното полетување.

Ваквите откритија на британското разузнавање, ја натера Владата во Лондон, пред два дена да нареди суспендирање на летовите кон и од Шарм ел Шеик, а од денеска да започне итна евакуација на Британците кои останаа „заробени“ во ова популарно египетско туристичко место на Црвено Море.

Египет и Русија ја оценија ваквата одлука на британската Влада како избрзана и оценија дека треба да се почека завршувањето на истрагата.

Официјален Лондон се уште не ја отфрла можноста дека рускиот „Ербас А321“ можел да се урне од техничка или пилотска грешка, но малку верува дека тоа е причина за смртта на 224 патници и членови на екипажот на авионот.

Во текот на денешниот ден, првите авиони со британските туристи кои се повлекуваат од Шарм ел Шеик, слетаа на аеродромите во Велика Британија, но патниците доаѓаат само со својот личен багаж, кој претходно е детално прегледан. Нивните куфери и другиот багаж ќе бидат подоцна префрлани.

Соборувањето на рускиот патнички авион аналитичарите во Лондон го поврзувааст со почетокот на бомбардирањата на воените авиони на Русија врз цели на џихадистите во Сирија, но и како казнување на новата секуларна власт на претседателот Абдул Фатах ал Сиси, која го тргна од власт исламистичкиот претседател Мохамед Морси, кој сега е во затвор и чека судење.

Милитантна исламистичка група од 2011 година оперира во реонот на Синај, спроведувајќи акции против новата власт во Каиро, при што досега загинаа стотина египетски војници и полицајци. Од ноември 2014 година, групата се поврза со џихадистите од Исламска држава.

Иако брои само 1.000 до 1.500 припадници, таа е тежок проблем за египтетските безбедносни сили. ИД објави дека таа стои зад падот на рускиот авион, но не објасни како е извршено неговото соборување.