Македонија
3. August 2016 - 16:08

Брачен пар од Скопје загина во сообраќајна несреќа кај Удово - Седумгодишното синче се бори за живот

Брачен пар од Скопје загина во стравична сообраќајка на патот Демир Капија Удово. Животот го загубија 41 годишниот возач и неговата 32 годишна сопруга.  Нивното седумгодишно дете со тешки повреди е пренесено на лекување во скопските клиники. Несреќата се случила утринава 20-тина минути после седум часот. Во сообраќајката учествувале автомобил фиат сеиченто со кое се превезувал брачниот пар, автобус на Струмица експрес и ауди со германски регистрации. Во незгодата се повредени и патниците од аудито кои се на лекување во велешката болница. На хирушкото одделение се примени жена и нејзините две деца.

Според неофицијални информации до несреќата дошло кога автомобилот ауди со странски регистрации кој се движел во правец кон Гевгелија преминал во спротивната коловозна лента и удрил во автобусот кој доаѓал од спротивниот правец. Од силината на ударот, автобусот ја променил страната на движење и во него директно удрил  фиатот со кој се превезувал брачниот пар. На местото на несреќата животот го загубиле мажот и жената.

Поради сообраќајката, повеќе од четири часа целосно затворена за сообраќај беше делницата Демир Капија - Удово. Од двете страни се формираа колони возила долги десетина километри.

На местото на несреќата увид правеа полицијата и гевгелиското Јавно обвинителство. По наредба на надлежниот јавен обвинител, телата на починатите се предадени на обдукција. Врз автобусот и аудито ќе се прави технички преглед а од возачите кои ги управале се земени крв и урина.

Инаку поради згемеченост на фиатот, во извлекувањето на безживотните тела на брачниот пар, интервенираше и противпожарната единица.