Балкан
17. January 2018 - 13:32

Борисов ги претстави приоритетите на бугарското претседавање: Западен Балкан на врвот

Западен Балкан, сигурна и стабилна Европа и дигиталните вештини се меѓу приоритетите на бугарското претседавање со Советот на ЕУ, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов во излагање пред Европскиот парламент во Стразбур.

- Мислам дека Бугарија и Македонија дадоа исклучителен пример дека со тактичност и добронамерност, државите од Балканот можат да ги решаваат проблемите и да не доаѓаат во ЕУ заради решавање на спорните ситуации. Договорот за добрососедство веќе е потпишан. Вистински се надеваме дека сега ќе заврши процесот меѓу Скопје и Атина околу името, што на државата ќе и даде перспектива за ЕУ и НАТО.

- Што ќе се случи доколку не ја понудиме таа европска перспектива, бидејќи имаме ретка шанса, без никаков ризик, да го подготвиме Западен Балкан за туризам и инвестиции. Ако не го сториме тоа, со оглед што интересот на Русија, Турција, Кина и Саудиска Арабија за Балканот е голем, некој друг ќе го направи тоа. Сега е моментот да им дадеме перспективам - истакна Борисов во Стразбур.

Тој порача дека стабилноста на Балканот е директно поврзана со стабилноста на Европа.

- Потоа се чудиме од каде дошле исламски борци или радикален ислам - таму има плодна почва поради големиот број муслимани што живеат на Балканот - смета Борисов.

- Знаеме дека во мандатот на овој состав на Европската комисија нема да се примат нови држави од Балканот во ЕУ. Но, истовремено, многу јасно и чесно треба да им кажеме какви надежи можат да гаат за влез во ЕУ. Сега е вистинскиот момент за тоа. Вчера, еден истрел во Косово го разнесе Балканот, преговарачкиот процес и веднаш расположението се промени. Народите од Балканот очекуваат, бидејќи географски и историски се во Европа, да добијат и план за присоединување - појасни Борисов.

Што се однесува на односите на ЕУ со Русија, бугарскиот премиер потсети дека едни држави се за продолжување на санкциите кон таа земја, додека други се против.

- Ќе бараме нормализација на односите, но тоа многу го надминува нашиот праг на можности, поради што ќе бараме заедничко европско решение - истакна бугарскиот премиер.

Тој се осврна и на миграцискиот бран.

- Бугарија успеа во рок од една година да го сведе на нула миграциски притисок. На бугарско-турската граница покажавме како со европската солидарност и помош, со напорите на државата и со договорот со Турција може да се ограничи на минимум миграцискиот бран. Имаме огромна поморска граница со Турција и голема копнена граница - истакна Борисов.

- Сметам дека договорот со Турција треба да продолжи да функционира и покрај стриктноста на која треба да опстоиме во однос на владеење на правото и слободата на медиумите во таа земја. Договорот треба продолжи да се применува, за турската страна се грижи за милиони мигранти - додаде Борисов.

Тој нагласи дека Бугарија ќе се обиде со многу тактика и дипломатија да изнајде решение на прашањето за идното распределување мигранти.

- Во некои земји постои огромна концентрација на мигранти, се трошат големи ресурси; други не сакаат да прифатат мигранти; но и такви, како Бугарија, кои се наоѓаат на влезот на миграцискиот проток, поради што мора да најдеме решение за да помогнеме во заштитата на заедничката граница - вели Борисов.

Тој оцени дека границите треба добро да се чуваат и да се влегува само преку граничните премини и тоа само оние кои бегаат од земји зафатени со војни.

Борисов истакна дека ЕУ треба да се грижи за овие бегалци, но со јасна напомена дека тоа ќе го прави само до крајот на воените конфликти во нивните земји.

Бугарскиот премиер предлага и друго решение, кое би значело изградба на центри близу до конфликтните зони за потоа тие веднаш да се вратат и да помогнат во обновата на својата земја. - Влез на економски мигранти да биде дозволен само во оние држави кои имаат потреба од нив, предлага претседателот на бугарската Влада.

- За буџетот на ЕУ - верувам и се потпирам на ЕП, бидејќи буџетот на една земја или на Европа се крои од политиката. Важна е заедничката земјоделска политика, кохезивната политика. Бугарија има раст од четири отсто во економијата, шест проценти невработеност, огромна фискална резерва, нулта инфлација - потенцира Борисов.

- Мислам дека сме подготвени за чекалната на Еврозоната. Им благодарам на сите земји-донатори кои помогнаа на Бугарија и целиот регион. Мораме да најдеме балансот во меѓусебното почитување - земјите донатори кои дадоа милијарди и она што ние како пазар, култура, геостратешка положба го имаме - продолжи Борисов.

Тој инсистира на тоа политиката на кохезија да биде задржана и во следниот повеќегодишен буџет на ЕУ.

Во врска со прашањето за заедничка одбрана, бугарскиот премиер коментираше дека со актуелните геополитички предизвици, ЕУ малку ги гледа заканите и обично реагира по настаните. Дозволуваме да останеме неми гледачи кога големите држави ги носат одлуките за теми со кои се соочуваме во Европа.