Балкан
17. February 2017 - 21:10

„Блиц“: Москва подготвена да ја финансира кампањата на Николиќ

За својата кандидатура на претседатлските избори во Србија, актуелниот српски претседател Тмислав Николиќ ја има поддршката на Москва, тврди белградскиот весник „Блиц“.

Електронското издание на весникот, повикувајќи се на неименувани извори, наведува дека наводно Москва е подготвена да ја финансира предизборната кампања на Николиќ со 20 милиони евра.

Според весникот, токму ваквата поддршка била причина за желбата на Николиќ да се бори за втор претседателски мандат. 

„Блиц“ тврди дека „главен човек на Николиќ за врски со Русија“ е поранешниот српски министер за надворешни работи Иван Мркиќ, кој е пријател со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров,

Николиќ засега официјално не потврди дека ќе се кандидира за втор мандат, но Б92 во средата, повикувајќи се на извори во неговиот кабинет, јави дека актуелниот претседател сепак решил да учествува на претседателските избори, иако за својата кандидатура не доби поддршка од неговата матична партија - Српската напредна партија (СНС). Партијата реши за свој кандидат да го предложи партискиот лидер и актуелен српски премиер Александар Вучиќ. 

Најавата за кандидатура на Николиќ, само еден ден откако СНС реши да го номинира Вучиќ, предизвика потреси во партијата и стравувања од можен раскол.

Советничката на Николиќ, Станислава Пак вчера порача дека српскиот претседател очекува да постигне договор со премиерот Вучиќ, кој би бил во интерес на Србија и дека не сака никакви поделби. Според Пак, секое друго решение освен договор „би било лошо и за Вучиќ и за Србија“.

„Блиц“ вчера објави дека во втроникот Николиќ му испратил писмо на Вучиќ, во кое наведува што бара во замена за повлекување од претседателската трка. Според анонимен извор на весникот, кој имал увид во писмото, Николиќ како услов за повлекување од претседателската трка барал Вучиќ „да му врати се она што тој му препуштил“ кога стана претседател, односно местото лидер на СНС, но и функцијата премиер. 

Вучиќ денеска изјави дека е подготвен да соработува со Николиќ, без разлика што тој и да направи. 

Претседателството на СНС денеска го одби барањето на Николиќ  за поддршка за негова повторната кандидатура за претседател на државата.

- Не можам да одам во детали, но ќе Ви кажам дека Претседателството го одби предлогот на Николиќ, изјави по седницата потпретседателот на СНС, Милош Вучевиќ.

За попладнево е закажана седница на Главниот одбор на СНС на која треба да биде донесена конечната одлука околу партискиот кандидат за претседател.