Македонија
12. May 2019 - 16:34

Бизнисмени обучуваат студенти како да имаат успешен бизнис или работни кариери

Претставници од бизнис секторот, професори и дипломирани студенти ги едуцираа своите колеги од штипскиот универзитет како да успеат во своите идни работни кариери, на конференција со работна тема „Формулата за успехот - ја имате ли вие“. Праксата во реалниот сектор покажува дека формули за успех постојат многу, во зависност од тоа кој каде се нашол и каде планира да се најде во животот.

Секој во својата област кој ќе се обиде да работи, да твори, мора максимално да пружи напор, максимално да се ангажира, да се одрече од многу работи за да може да успее во животот- изјави Илија Николов, стопанственик од Штип. 

Првиот чекор на патот кон успехот е стекнатото образование, па следува посветена работа и на крајот награда за вложениот труд.

Ако човек е само осознаен, ако има своја цел, ако до таа цел сака да дојде со мудрост, а не со лукавост, со знаење и способности, но не и со манипулации, тогаш постигнува успех во животот.-изјави  Трајче Мицевски, декан на економскиот факултет - УГД - Штип.

Значи пред се, љубов, мотивација и мислам дека се може да биде постигнато-изјави Анита Монева, студент УГД - Штип. 

Во Македонија има безброј примери на успешни компании на кои им е неопходен високо образован стручен кадар, кој ќе биде гарант за нивната подобра иднина.