Свет
31. January 2018 - 10:57

Би-Би-Си: Седумдесет проценти од Авганистан се под закана од талибанците

Заканата од талибанците во Авганистан е „значително поголема“, откако странските војници се повлекоа во 2014 година, и во моментов засега 70 проценти од земјата, јави Би-Би-Си цитирајќи податоци од сопствена истрага.

Според извештајот, изготвен кон крајот на 2017 година, талибанците имаат целосна контрола над 14 области (четири проценти од територијата на Авганистан), а во други 263 (66 отсто) имаат „активно и отворено физичко присуство“.

За останатите 122 области (30 проценти) Би-Би-Си тврди дека се водат дека се под владина контрола, но тоа не значи дека се ослободени од насилство.

Новите податоци беа објавени, откако вчера американскиот специјален генерален инспектор за обнова на Авганистан соопшти дека му било кажано од Пентагон да не открива колкав дел од земјата е под контрола на талибанците.

Оценката на Би-Би-Си, заснована на разговори со над 1.200 локални извори во сите авганистански области, е значително повисока од најновата проценка на коалицијата предводени од НАТО за присуството на талибанците.

Коалицијата вчера соопшти дека во октомври 2017 година талибанците контролирале само 44 проценти од областите во Авганистан.

Во последните десетина дена земјата ја зафати нов бран насилство. Над 100 лица загинаа во Кабул во напад со бомба поставена во возило на брза помош, а при напад врз хотел во главниот град беа убиени повеќе од 20 лица.