Македонија
20. November 2019 - 16:37

Бесплатно вакцинирање против сезонски грип за пензионерите од петок

Со еден месец задоцнување, од петок конечно ќе почне вакцинацијата со бесплатните вакцини против грип. 28.000 дози кои на тендер ги набави Министерството за здравство оваа година им се достапни на сите пензионери над 65 години, хронично болни, трудници и деца до 5 годишна возраст. Во Скопје за да нема гужви и нервози во центарот за јавно здравје, имунизација со овие вакцини ќе има и во вакциналните пунктови во поликлиниките Ѓорче Петров, Букурешт и Чаир. 

-Ова е во интерес на граѓаните, ќе биде подостапно за нив, да не патуваат на пример од Сарај и Ѓорче до овде до Центарот, ќе има повеќе пунктови во градот, зборуваме за бесплатните вакцини што ги набавува Министерството за здравство, вели Арбен Зибери, директор на Центар за јавно здравје Скопје.

За разлика од лани, годинава е многу проширена групата на граѓани за кои се предвидени бесплатните вакцини и прашање е дали ќе бидат доволни за оваа популација. Преку Мој Термин голем број граѓани веќе закажале вакцинација во центрите за јавно здравје.

Во меѓувреме од понеделник почна и имунизацијата со комерцијалните вакцини за кои граѓаните плаќаат по 650 денари. Во Скопје од набавените 5000, веќе потрошиле 1000 дози.

Бесплатните вакцини се од холандски а комерцијалните од француски производител.

Засега нема информацијата до каде е најавената донација од 10 000 вакцини кои требаше да ги добијат здравствени работници како една од ризичните категории.

Според евиденцијата од Институтот за јавно здравје, од почетокот на сезоната досега регистрирале 125 заболени од грип.