Македонија
17. December 2015 - 22:29

Бесими: Во Бугарија гледаме исклучително важен партнер и пријател

Целосна поддршка за евроатлантскиот пат на Македонија, искажа денеска повторно бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов по средбата со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, јави известувачот на МИА.

- Мојот општ впечаток и заклучок од денешната средба во Софија е исклучително позитивен и ќе го пренесам во Владата на Република Македонија и во јавноста. Ние во Бугарија гледаме исклучително важен партнер и пријател за нашата евроатланска интеграција, истакна вицепремиерот Бесими по средбата.

Фокусот на Бугарија кога станува збор за Република Македонија, според Митов, е јасен и одамна соопштен - целосна поддршка за евроатлантскиот пат и за реформите во земјата.

- Силно се надеваме дека постигнатиот договор меѓу владејачката коалиција и опозицијата ќе биде исполнет и дека тоа ќе доведе до реализција на успешни избори во април следната година, кои ќе бидат израз на волјата на граѓаните и ќе дадат нова сила на идните реформи, рече Митов.    

На средбата станало збор за соработката меѓу двете земји во евроинтеграцијата, билатералната и регионалната соработка.

- Исклучително е важно што ние и од денешниот состанок имавме јасна позиција за поддршката за европската перспектива за Република Македонија и воедно за многу проекти во однос на соработката како што се транспортната и енергетската инфраструктура, како и за регионалните проекти, рече македонскиот вицепремиер Бесими. Разговарале и за можноста за соработка и конкретна бугарска поддршка во евроинтегративниот процес. Проекти кои, како што посочи вицепремиерот, ќе значат размена на искуство на Република Бугарија која го поминала самиот процес за членство и сега како членка на ЕУ.

Во однос на разговорите за договорот за добрососедство, Бесими и Митов истакнаа дека има волја од двете страни да се постигне решение.

- За да се постигне договорот потребно е, пред се, да се има волја, што јас на денешниот состанок имав прилика да го видам. Има волја и подготвеност од двете страни да се постигне решение. Битно е дека ние кои носиме политичка одговорност во процесот сме спремни да го презентираме соодветно овој процес за да има поддршка од граѓаните и исправно да се презентира. Мислам дека има расположение за тоа од двете страни и тоа ќе се постигне, рече Бесими.

Според Митов, на средбата имало исклучително позитивни пораки од страна на вицепремиерот Бесими.

- Во тој однос се надеваме дека и покрај многуте етапи во преговорите ќе изнајдеме формула која ќе не доведе до краен резултат и согласност за финалниот текст на договорот, за којшто се разбира дека ќе се обидеме да изградиме максимален политички консензус и во двете земји, и во Македонија и во Бугарија, изјави Митов.

Од значаен интерес, според претставниците на двете влади, е да се постигне што поскоро усогласување на договорот и успешно да се заокружи овој процес.

Бесими истакна дека на денешниот состанок го информирал бугарскиот министер за надворешни работи за тоа што презема Македонија за реализација на активностите кои произлегуваат од последниот Извештај на ЕК за напредокот и условената препорака за членство во однос на политичкиот договор и идните реформски приоритети, како и подготвеноста со цел да има успешни избори во април следната година.

- Сакав да го уверам министерот Митов кој како министер ги презентира бугарските ставови во Советот на ЕУ, да знае што правиме ние како соседи во однос на европските интеграции, изјави Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со спрото за името, Бесими информираше за денешната средба на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски со неговиот грчки колега во Атина и го повтори ставот на Македонија.

- Официјален став на Република Македонија е дека ние како земја остануваме отворени за дијалог и во приоритетите и во програмата на Владата и во резолуциите на Собранието стои дека ние сме отворени за дијалог и за изнаоѓање заеднички прифатливо решение. И тоа е важно за нас со соседите да имаме добра соработка и да ги решиме сите отворени прашања, рече Бесими.

Бугарскиот министер за надворешни работи посочи дека неговата земја не е страна во процесот, но повтори дека какво и да е решението тоа треба да дава можност во насока на прием на Република Македонија во НАТО и во ЕУ, а не да предизвикува дополнителни колебања или проблеми со останатите соседи.

- Бугарија не е страна во разговорите за името на Македонија и Грција, но вистина е дека сме настојувале дека тоа прашање да се реши максимално брзо за да може да се реализира членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Нашето настојување е да се изнајде волја и да има разговор во таа насока кој ќе доведе до финално решение, рече Митов.

Вицепремиерот Бесими попладнево во Софија се сретна и со бугарската вицепремиерка за координација на европските политики и институционалните прашања Меглена Кунева, која ја прифати неговата покана за посета на Македонија. Тие договорија организирање на заеднички настан во рамки на иницијативата на СЕП „ЕУ разговори“. Исто така, двајцата соговорници ја истакнаа можноста за продлабочување на соработката во искористувањето на фондовите на ЕУ.