Бизнис
5. March 2021 - 12:28

Бектеши: Нема пролонгирање на роковите за завршните сметки

Нема да има пролонгирање на роковите за завршните сметки, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тоа, како што истакна на прес-конференција, е одлучено по направените меѓуинституционални консултации кои упатиле на заклучокот дека сметководителите не биле толку погодени од пандемијата.

-Веќе направиме консултации во рамки на институциите и како Министерство за економија, заедно со Министерството за финансии, УЈП и Централниот регистар одлучивме да нема пролонгирање на роковите за завршните сметки. Мислиме дека сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата, истакна Бектеши.

Десетина минути претходно, пред Министерството за економија, прес-конференција одржа Александра Андреева од Управниот одбор на Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори. Таа соопшти дека речиси 50 отсто од сметководителите биле болни од КОВИД од почетокот на пандемијата и побара рокот за доставувањето на годишните извештаи и завршните сметки да се пролонгира до 31 март.