Фудбал
17. April 2019 - 16:23

Барселона и Ајакс се првите полуфиналисти во Лигата на шампионите

Барселона и Ајакс се првите два тима кои обезбедија пласман во полуфиналето на фудбалската Лига на шампиони. Откако вчера беа одиграни реванш дуелите од четвртфиналето, екипите на Барселона и Ајакс се промовираа во полуфиналисти.
 
Шпанскиот првак и по втор пат беше подобар од Манчестер Јунајтед, откако првата средба на гости ја доби со 1-0, синоќа Барселона на „Камп Ноу“ славеше со 3-0. Два гола постигна Лионел Меси (16 и 20.минута), а во листата на стрелци се впиша и Филипе Кутињо (61). 
 
Ајакс кој во претходната рунда го елиминира бранителот на трофејот Реал, сега во четвртфиналето беше „кобен“ и за италијанскиот првак Јувентус. Иако со голот на Кристијано Роналдо (28.минута), Јуве поведе со 1-0, сепак во продолжението младиот тим на Ајакс направи пресврт, па со головите на Дони Ван де Бик (34) и Матијас де Лигт (67), холандскиот тим сосема заслужено се радуваше на победа и пласман во полуфиналето. 
 
Кои два тима ќе бидат нивни противници ќе дознаеме вечерва (21 часот), по одигрувањето на реванш средбите меѓу Манчестер Сити - Тотенхем (0-1 прв натпревар) и Порто – Ливерпул (0-2).