Свет
7. October 2022 - 19:39

Бајден потпиша уредба за пренос на лични податоци од ЕУ во САД

 Американскиот претседател Џо Бајден денеска потпиша извршна уредба што овозможува напредок во примената на новата рамка за пренос на лични податоци од Европската унија во САД, клучен за дигиталната економија, јавија дел од светските медиуми.    

Во март, Вашингтон и Брисел начелно се договорија околу тоа прашање, долго спорно затоа што претходните предлози за договор беа одбиени од Судот на правдата на ЕУ поради страв од американската програма за прислушување. Потпишувањето на уредбата од страна на претседателот ќе овозможи Европската комисија да го почне својот процес на ратификација, за што ќе бидат потребни неколку месеци.

– Ова е крај на нашите заеднички напори за обнова на довербата и стабилноста во трансатлантската размена на податоци, посочи американската министерка за трговија Џина Рајмондо. Текстот ги зајакнува мерките со што се загарантирани доверливоста и заштитата на граѓанските слободи во американските програми за надзор над податоци собрани во Европа, што се пренесуваат и се чуваат преку Атлантикот. Исто така воспоставува независен и обврзувачки механизам, што на поединци од подобните земји им овозможува да побараат отштета, доколку оценат дека американските разузнавачки служби незаконски собираат нивни лични податоци.

Тој механизам предвидува две фази од тужбата, еден што се упатува на службеникот задолжен за заштита на граѓанските слободи при американската разузнавачка администрација, а вториот на независен суд основан од Министерството за правда.

Судот во јули 2020 година оцени дека „Прајвеси шилд“ (Privacy Shield), што го користат 5.000 американски компании, па така и некои големи како „Гугл“ и „Амазон“, не штити од можно „мешање во основните права на луѓето чии податоци се разменуваат“.

Постои можност новата верзија на договорот повторно да заврши на суд, признаа претставници на американската администрација. Но, според нив, таа е замислена така да одговори на претходните сомнежи на европското правосудство.