Свет
18. December 2017 - 13:56

Австриската Влада положи заклетва

Новата австриска Влада, составена од Народна партија (ОВП) и Слободарската партија (ФПО), и предводена од канцеларот Себастијан Курц положи заклетва пред австрискиот претседател Александар ван дер Белен. 

Како што претходно јави МИА, пред заклетвата Виена беше парализирана од протести поради новата влада. 

На протести повикаа Здружението на студентите, Здружението на учениците како и левичарски организации.

Демонстрантите извикуваа пароли против ФПО во новата влада и предупредуваат дека со тоа се „враќа фашизмот“ во Австрија. Дел од нив изјавија дека ако треба против владата ќе се борат и на улица, со штрајкови се додека истата не биде соборена.

Поради протестите во Виена се зголемени безбедносните мерки.

Во новата австриска Влада, ОВП е застапена со Курц како канцелар, со министерот за финансии Хиртвиг Легер, за економија Маргарет Шрамбек, за образование Хајнс Фасман, за жени и семејство Џулијан Богнер-Штраус, за земјоделство и екологија Елизабет Кестингер, за ЕУ, медиуми, уметност и култура Гернот Блимел, како и со државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Каролин Едштадлер.

Од ФПО вицеканцелар и министер за државна управа и спорт е Хајнс-Кристијан Штрахе, за внатрешни работи Херберт Кикл, за одбрана Марио Кунасек, за инфраструктура и сообраќај Норберт Хофер, за социјални прашања и здравство Беата Хартингер, надворешни работи Карин Кнајсел, а државен секретар за финансии ќе биде Хуберт Фухс.

Курц (31), е најмладиот канцелар на Австрија досега и во моментов најмладиот актуелен шеф на една влада во светот.