Македонија
10. March 2022 - 20:58

Арсовска: Ќе има бесплатен јавен превоз и 250 еко автобуси

За две години граѓаните ќе имаат бесплатен јавен превоз, а ќе се набават и електрични автобуси, рече вечерва градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

-Средства во буџетот монентно нема, градот е задолжен скоро 160 милиони евра, но тоа не значи дека нема да набавиме електрични автобуси. Ќе има 250 еко автобуси. Тоа е амбициозна програма, но е и мој фокус и ќе не стави на мапата на чисти, еколошки градови. Има донатори и квалитетни фондови за оние што сакаат да се придвижат кон зелената транзиција, истакна градоначалничката во гостувањето на „Вин Вин“.

Таа информира и дека за помалку од неколку месеци ќе се реализира најголемиот еко капитален проект –  пречистетелна станица. Проектот, нагласи Арсовска, треба да почне во септември, а Европската банка за обнова и развој е еден од партнерите. Пречистителната станица, како што информира Арсовска, ќе овозможи да се прочистат над 90 проценти од урбаните отпадни води во Скопје.

Во врска со Универзална сала, градоначалничката напомена дека решението моментно не ги исполнува стандардите и не е технички квалитетно, а проектот е успорен зашто некој претходно направил грешки.

-Проектот, сепак, не застанува, колку и некој да сака тоа така да го профилира во јавноста. Ќе се бара безбедно и сигурно решение, потенцира Арсовска.

Според неа, ниту еден проект во градот нема да биде стопиран доколку е во интерес на граѓаните, добредојден е и секој што ќе се обиде да донесе инвестиција.

-Груба лага и манипулација е дека се стопираат проекти. Ништо не е застанато. Се што е во интерес на граѓаните ќе проодлжи, но не на нивна шета и за да се зачува нечиј интерес, децидна е Арсовска.

Во однос на дотациите, Аросвска рече дека ЗЕЛС бара од Владата да си ги испочитува обврските. За проблемите на општините, пак, и ЗЕЛС, истакна дека мораат да седнат на маса со Владата.

Арсовска ја нагласи и, како што рече, презадолженоста на јавните претпријатија.

-На пример, ЈСП е во загуба од три милиони евра. Сега треба да се консолидира. Се трошело безумно, се трошело како да ќе нема утре, нагласи градоначалничката Данела Арсовска.