Фудбал
25. November 2018 - 12:11

Аргентинското Суперкласико одложено за денеска

Поради серијата инциденти финалниот реванш, во Копа Либертадорес, помеѓу Ривер Плата и Бока јуниорс е одложено. Натпреварот ќе се одигра вечерва со почеток во 21 часот.

Првиот меч, одигран на стадионот на Бока јуниорс донесе спектакуларен фудбал, дуелот заврши без победник 2:2. Нешто слично се очекуваше и во реваншот, меѓутоа поради големите инциденти истиот е одложен.

Навивачите на Ривер Плата го нападнаа клупскиот автобус на Бока јуниорс на патот кон „Монументал“ стадионот.

Хулиганите на Ривер најпрвин го каменувале автобусот, а потоа во него уфрлиле и солзавец. Во нападот биле повредени неколкумина фудбалери на Бока, а парче стакло завршило во окото на капитенот на тимот Пабло Перес.

Според непотврдени информации, првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, им се заканил на играчите на Бока јуниорс дека мора да го одиграат натпреварот или во спротивно тимот ќе биде дисквалификуван пет години од куповите што се играат во Јужна Америка, под организација на КОНМЕБОЛ.

Дуелот првично закажан за 21 часот, беше одложен за еден час, потоа и за 23.15 часот. Неколку минути откако помина и последниот закажан термин челниците на ФИФА, КОНМЕБОЛ и Аргентинската фудбалска федерација постигнале „џентлменски договор“ дуелот да биде одложен за 24 часа.

Инаку, навивачите на Ривер Плата што не успеале да влезат на стадионот и оние што немале влезници, цело време се „бркале“ со полицијата. Припадниците на полицијата морале да употребат гумени куршуми.