Свет
13. September 2017 - 18:23

Анонимни закани за бомби предзвикаа евакуации ширум Русија

Повеќе од 20.000 луѓе се евакуирани од трговски центри, железнички станици и универзитети во Москва по дојави дека на тие места се поставени бомби.

– Моментно се евакуираат повеќе од 20 места, над 20.000 луѓе се изведени надвор, но точен број се уште не е потврден, наведе извор од итните служби за руски медиуми.

Итните служби соопштија дека се работи за телефонски повици со дојави за бомби и оти кредибилитетот на тие информации мора да се провери. Меѓу загрозените локации се трите најголеми железнички станици во Москва, повеќе од 12 трговски центри и еден универзитет.

Дојавите за бомби веќе четврти ден се присутни во Русија. Досега сите биле лажни и од јавноста е побарано да не се создава паника.

Според безбедносни извори, заканите се упатени од надвор од Русија. Главните руски медиуми малку информации објавуваат за тие настани потенцирајќи дека најверојатно станува збор за „голем хакерски напад“ најверојатно од Украина.

Лажните дојави за бомби почнаа во неделата, а во јавноста беше објавена вест дури синоќа.

Во Челјабинск повеќе од 11.000 луѓе вчера беа евакуирани од 10 згради. Во Перм 5.700 луѓе се евакуирани од школи и јавни згради. Во Ставропол полицијата добила 42 лажни закани за бомби. Погодени се и градовите Краснојарск, Новосибирск и Омск.

Закани за бомби се упатени денеска и во неколку аеродроми низ државата. Во Томск повеќе од 10 училишта беа евакуирани заедно со локални судови, шопинг центри и автобуски станици. Засега нема потврда од властите дека заканите се организирани од Украина.