Македонија
13. August 2021 - 16:34

Анкета на НДИ: Секој втор не сака да се вакцинира, ВМРО пред СДСМ, Заев пред Мицкоски

Секој втор граѓанин во Македонија нема доверба во вакцините, а значајно мнозинство се „многу загрижени“ за пандемијата, открива истражувањето на Националниот демократски институт. Анкетата покажува дека иако граѓаните имаат одредена доверба во владините податоци поврзани со коронавирусот, сепак им даваат лоши оценки на државните институции за воведените рестрикции и за комуникацијата, а негативно е оценета и работата на Парламентот и на опозицијата за време на кризата.

На прашањето „Зошто не би примиле вакцина“ дури 49 отсто рекле дека немаат доверба во ефикасноста, 10 проценти сметаат дека тие лошо ќе влијаат на здравјето, а три отсто мислат дека вирусот не постои.

Покрај Ковидот, македонските граѓани одговарале на теми поврзани со демократијата и владеењето. Над половина од анкетираните или 52 отсто сметаат дека има назадување на демократијата, а 64 проценти сметаат дека земјава се движи во погрешна насока.

За над половина испитаници, пак, квалитетот на живот е поважен од демократските стандарди.

Поддршката за Европската Унија и натаму е голема, но сепак бележи намалување. 67 отсто од испитаниците би гласале за членство во ЕУ на евентуален референдум, а 19 би биле против, процент кој бележи зголемување во последните години.

На прашањето „Доколку партиите без коалиции би учестувале на избори, за која партија би гласале?“ за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 14 отсто од граѓаните, за СДСМ 10, за ДУИ и Левица пет, додека за Алијанса за Албанците 4 проценти од граѓаните.

Актуелниот премиер ужива најголема доверба меѓу политичарите. За Зоран Заев се определиле осум отсто, пет проценти од граѓаните најмногу му веруваат на првиот човек на опозицијата Христијан Мицкоски, а четири отсто доверба ужива престедателот Стево Пендаровски и лидерот на Левица Апасиев. Ист рејтинг од по 2 проценти делат и Зијадин Села и Али Ахмети, а повеќе од половина од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар.

Телевизијата и натаму е доминантен извор од кој граѓаните ги црпат информациите, а според истражувањето, Сител ТВ е најгледан, но и медиум со најголема доверба кај граѓаните.

Истражувањето на НДИ е спроведено во март и април на репрезентативен примерок од две илјади 410 испитаници, преку телефонски и интернет анкети.