Бизнис
2. October 2019 - 15:44

Анѓушев: Берзата треба да се искористи за вбризгување свеж капитал во компаниите

Берзата во иднина треба да има поголема улога во економското живеење во нашата држава и да се користи како механизам за вбризгување свеж капитал во компаниите, порача вицепремиерот за економски прашање Кочо Анѓушев пред почетокот на тркалезната маса „Идната улога на пазарите на капитал во мали и отворени економии“, организирана од Комисијата за хартии од вредност и Македонската  берза.

-Се надевам дека во иднина  ќе може да гледаме и ИПО активности на Берзата и дека се повеќе од компаниите ќе се осмелуваат да се префрлаат од ДОО во АД, бидејќи сите семејни компании во развиениот свет почнувале како ДОО, а покасно преминувале во АД и на тој начин обезбедувале свеж капитал за свое проширување. Ги охрабрувам сите компании кои денеска се ДОО, а имаат идеја за свој развој да преминат во АД и да се обидат на пазарот на хартии од вредност да обезбедат свеж капитал за нивни развој, изјави Анѓушев.

Тој прецизира дека Законот за тргување со хартии од вредност ќе биде преточен во два закона кои ќе треба да бидат успогласени со регулативата на Европската унија и кои ќе овозможат пофлексибилно и подинамично тргување со хартии од ведност. Нагласи дека на дебатата ќе бидат присутни сите чинители на пазарот на хартии од вредност.

Претседателот на Комисијата за хартииод вредност, Нора Алити посочи дека пазарот на капитал гледан во целина, може да се оцени како се уште недовршена приказна за разлика од банкарскиот сектор кој, како што рече, има долга традиција и е познат, како за бизнис секторот, така и за домаќинствата, пазарот на капитал е „новина“ за нашата држава.

-Ценам дека има доста простор за понатамошен раст како внатре во државата, така и преку регионално интегрирање. Денес сме тука да разговараме за предизвиците со кои се соочуваме како и за потенцијални одлуки и решенија за надминување на тие предизвици кои секако би требало да делуваат стимулативно, а со тоа и на економскиот развој на државата. Има повеќе предизвици, на краток рок е усогласувањето на регулативата со ЕУ, па некои од страна на законите за капитално оданочување, задолжителна котација, значи сите овие фирми ќе ги дискутираме и ќе ги искажеме нашите ставови, кажа Алити.

Што се однесува до оданочувањето на капиталните добивки, додаде, Комисијата ја поддржа иницијативата за продолжување на даночните ослободувања на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност за физичките лица.
 
-КХВ поднесе до Владата и Министерството за финансии конкретен предлог за измена и дополнување на Законот за личен доход со кој се предвидува одложена примена, но истовремено се прави и дистинкција во зависност од периодот на поседување, прецизира Алити.
 
Извршниот директор на Македонска берза АД Скопје, Иван Штериев нагласи дека по долгогодишната хибернација и стагнација на пазарот, последните две години се бележи пораст на берзанското работење.
 
-Оваа година, по многу берзански показатели е втора најдобра година во последната деценија. Индексот е повторно во плус, 25 отсто на годишно ниво неколку години по ред така што тие се состојбите од аспект на динамиката, но се согласувам дека имаме и предизвици. Меѓу другото акутни предизвици се фискалните аспекти, дали ќе се оданочат капиталните добивки, што ќе се случи со задолжителната котација која важи до април идната година, така што оваа тркалезна маса ќе ги увиди и тие моменти, посочи Штериев и додаде дека на тркалезната маса ќе бидат присутни еминентни стрнски експерти кои ќе го дадат погледот на странските инвеститор, поголемите регионални берзи и меѓународните финансиси институции.
 
Тој нагласи дека не верува оти евантуалните даночни промени и оданочувањето на капиталните добивки ќе имаат ефект на одлив на странски инвестиции, бидејќи, како што кажа, процентот на учество на странци на берзата е многу низок, но ќе имаат кај домашните физички лица кои се многу активни на берзата.
 
Прашан дали постои опција Владата да се откаже од оданочувањето на капиталните добивки, вицепремиерот Анѓушев рече дека ќе разговаараат за се и оти сакаат да го стимулираат пазарот на капитал и развојот на беразата.
 
-Доколку тоа е една од мерките што треба да се направат за тоа да биде симулирано секако ќе разговараме и за таа опција, рече Анѓушев.