Loading Video...
Фудбал
6. јуни 2019 - 13:23

Ангеловски: Не играме против Левандовски туку против Полска

Македонската фудбалска репрезентација во рамките на третото коло од квалификациите за ЕП  утре во Скопје ја пречекува селекцијата на Полска првиот фаворит во групата.
Полјаците со максимални 6 бода пристигнуваат во Скопје. Имаат одлична селекција на чело со Левандовски, Зјелински, Пјатек што ќе биде сигурно екстра мотив за избраниците на селекторот Ангеловски.
„Ни доаѓа една квалитетна селекција, а тоа буди многу мотиви кај нас да се избориме за позитивен резултат и да покажеме колку вредиме. Левандовски е добар играч, но ние ќе играме против Полска. Само со тимска игра се справуваме со секој противник, па така ќе биде и утревечер. Воопшто не е важно против кој ривал играме, туку за што играме. Убеден сум дека тие кои ќе излезат на терен ќе го дадат последниот атом да се радуваме“, смета Ангеловски.
Македонија има високи амбиции во овој квалификациски циклус за што говорат четирите бода од досегашните квалификациски средби.
„Атмосферата е одлична, работиме добро оти  следат два тешки натпревари. Сепак, концентрирани сме само на натпреварот против Полска. Овој натпревар треба да ни го покаже патот во квалификациите. Ако ги победиме можеме да се квалификуваме на Европско првенство. Но, знаете каков тим и какви поединци имаат Полјаците во своите редови. Со помош на публиката можеме да се радуваме. Оваа генерација е зрела, најдобра со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистински да го покажеме квалитетот и нашиот нов победнички менталит“, изјави капитенот Пандев.
Македонија со Полска има негативен биланс во досегашните три пресметки кои се пријателски но ова е меч за бодови. Почетокот на дуелот Македонија -Полска е во 20.45ч во петок.