Свет
10. December 2016 - 14:03

Ангела Меркел изрази жалење за бавното спроведување на договорот меѓу ЕУ и Турција за мигрантите

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изрази жалење за бавното спроведување на договорот меѓу ЕУ и Турција за мигрантите, чија цел е прекинување на миграциската рута преку Егејското Море.

- Границите на копно се чуваат многу полесно од овие на море. Затоа склучивме договор меѓу ЕУ и Турција. Но за жал, не го постигнавме саканиот  напредок за неговото спроведување, рече Меркел во неделното обраќање.

- За нас е неприфатливо луѓето да плаќаат многу пари, и да го изложуваат на опасност својот живот, додаде таа.

Оспоруваниот договор склучен во март меѓу ЕУ и Анкара, предвидува враќање во Турција на сите мигранти кои влегле во Грција. Во замена, ЕУ презеде обврска за секој вратен Сириец да преселува по еден од Турција во земја од ЕУ.

Од март, 1.187 мигранти беа вратени од грчки острови во Турција и 2.761 сириски бегалци од Турција беа раселени во европски земји, покажуваат податоците на Европската комисија. Приливот на мигранти на грчките острови нагло се намали, и во просек изнесува 92 на ден, во споредба со речиси 10-те илјади дневно пред една година, додава ЕК.