Македонија
7. October 2022 - 21:16

Анализа - Каде се греши и какви се инфлаторните очекувања во следниот период

Стапката на инфлација за септември ги надмина и најлошите проекции на експертската јавност. Ако за претходните три месеци екпертите предупредуваа дека трошоците за живот може да пораснат за 2 или 3%, статистика пресмета дека зголемувањето е за скоро 4 отсто. Ако во јуни инфлацијата достигна и до 14, 5 %, за септември се искачи на рекордни 18,7. Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ во изјава за Сител вели дека ова ќе биде најголем удар за сиромашните. Вината ја гледа во владата која шест месеци спроведува лоши политики, бидејќи нивниот план за замрнување на маржите не дадоа резултат, напротив дозволија маркетите драстично да ги зголемат цените.

Ако сега драстично се зголемија трошоците на живот, со енергетската криза сликата ќе стане уште поалармантна, предупредуваат познавачите. Проекциите за последниот квартал од годината се дека земјата ќе се соочи со уште позголемени трошоци за живот . Јовановиќ алармира дека иако официјално не се соопштува, Македонија е во тешка економска криза. Неизвесно е како државата ќе се справи и со дополнителната енерегетска криза.

Во моментов Македонија е рекордер во регионот според високата стапка на инфлација, но стои и високо на листата на европски земји кои се на оваа неславна листа. Земјите од соседството наместо замрзнување на маржите како што направи македонската влада, ги замрзнаа цените на производите и не се соочија со толку висока инфлација.