Бизнис
23. March 2016 - 8:45

„Алокејт софтвер“ отвора втора канцеларија во Македонија

Британската ИТ компанија „Алокејт софтвер“ денеска ќе отвори втора канцеларија во Македонија, со  која ја проширува работата на македонскиот пазар каде е присутна од пред една година со центар за развој на апликации.

„Алокејт софтвер“, со седиште во Лондон и канцеларии во Сиднеј и Стокхолм, нуди услуги за специјалистички софтвер за оптимизација на работна сила. Нивните решенија се користат во над 700 организации во јавниот и во приватниот сектор, а дел од нивните корисници се НАТО и Британската армија.

Според првичната најава на компанијата, во канцелариите во Македонија треба да бидат вработени 50 програмери и да бидат инвестирани пет милиони евра.

Плановите за проширување на работата во Македонија ги најави во јануари годинава извршниот директор на „Алокејт софтвер“ Иан Бишоп на средба со министерката информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, која ќе присуствува на отворањето на новата канцеларија.