Балкан
12. August 2020 - 8:16

Албанија се уште без став за почетокот и протоколите за одвивање на наставата

Албанските власти се уште немаат прецизна одлука кога и како ќе почне и како ќе се одвива наставата во училиштата. Како што потврдуваат од Министертвото за образование, спорт и млади тоа е диктирано од епидемилошката состојба со Ковид-19, која во актулениот миг достигнува врв на новозарзени, но и починати лица.

-Се уште немаме конечна одлука околу решението за почетокот на новата учебна година. Се разгледуваат две варијанти. Онаму каде што има помал број ученици и каде може да се обезбеди физичка дистанца наставата може да се одвива. Но, имаме многу училишта со поголем број ученици па размислуваме таму да има комбинација од физичко присуство на децата во училиниците и преку онлајн настава. Но, конечно решение за сега немаме, изјави Беса Шахини, министерка за образование, спорт и млади.

Во меѓувреме албанските експерти за здравство се на став дека учениците, не се директна цел на Ковид-19, можат да продолжат со настава во училиштата, почитувајќи ја физичката дистанца и заштитните мерки.

Став околу ова прашање изнесува поранешниот министер за образование Муќерем Тафај, кој вели дека веќе мора да се навикнеме на оваа нова реалност. Според него, проблем може да бидат часовите во големите градови, додека во локалните области наставата треба да продолжи нормално.

-Докажано е дека учењето преку Интернет е речиси невозможно за основното образование. Во гимназијата и на универзитетите ситуација е поинаква. Во овие услови целиот свет се базира на три препораки и на тоа дека училиштата мора да живеат заедно со вирусот. Денес, и економистите и социолозите го рангираат училиштето пред економијата. Не треба да се мисли на тоа дека со ова тртеба да се справуваме преку Интернет. Патот е отворање на училиштето и преземање на сите мерки, хигиена, физичко растојание и маски, изјави Тафај.

Посочува дека ова значи дека општините и директорите на образованите установи треба да ги подготват училишта, но нагласува, „воопшто не слушаме ништо дека се прави нешто на овој план“.

Во Пустец помал број ученици и можност за одржување физичка дистанца

Кога станува збор за наставата во општина Пустец, Мала Преспа, првиот човек на општината Пали Колефски, вели дека наставата може да почне во септември зашто поради малиот број ученици може да се обезбеди физичка дистанца.

-До сега немаме никакви насоки од Владата. Ќе постапиме онака како што Владата ќе одлучи. Кај нас поради малиот број ученици има услови за обезбедување физичка дистанца. Засега, а дај Боже да остане така, во нашето подрачје нема ниту еден дијагностициран случај со Ковид-19, изјави Колефски.

Во деветте села во општина Пустец, настава следат вкупно 155 ученици, од нив 30 се во гимназијата, додека 125 во деветолетките и подрачните училишта.

Поради пандемијата албанската влада, на трети март донесе одлука за едномесечен прекин на наставата, но потоа следуваше друга одлука со која учениците воопшто не се вратија на настава и истата се изведуваше онлајн, иако со поголеми проблеми поради фактот дека дел од учениците немаат интернет и компјутери. Единствено беше дозволено во училиштата да се вратат матурантите, на почетокот на јуни, заради полагање на матурските испити. Учебната година во оваа земја почнува на 15 септември.