Македонија
17. May 2017 - 14:48

Акција за поголема безбедност на велосипедистите во Кочани

Полициската станица Кочани од денеска почна со спроведување акција за подигнување на свеста кај учесниците во сообраќајот за поголема заштита и безбедност на велосипедистите. 

Во соработка со Ротари клубот Кочани - Виница службени лица од ПС Кочани на неколку локации во градот на велосипедистите, учесници во сообраќајот им делеа флаери „Возач сум треба да знам“ и флуоресцентни елеци кои велосипедистите потребно е да ги носат, особено навечер поради поголема видливодст на патот и со тоа да си обезбедат поголема заштита.

- На иницијатива на Полициската станица Кочани, ние како Ротари клуб Кочани – Виница дадовме поддршка на оваа акција чија цел е подигнување на свеста кај велосипедистите за поголема безбедност во сообраќајот, но и за поголема промоција на велосипедот како превозно средство. И понатаму ќе ги поддржуваме сите акции на полицијата и на другите институции, рече Венко Лазаров, член на Ротари клуб Кочани – Виница.

Акцијата е дел од програмата за работа на Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај на Кочани и ќе трае до крајот на мај.