Македонија
23. March 2019 - 15:25

Акција за чистење во Велес по повод Денот на пролетта и деновите на екологијата

Во еколошка акција за чистење во шумата – зелениот појас околу поранешната велешка Топилница денеска беа собрани 128 метри кубни отпад.

Акцијата се организира по повод Деновите на пролетта и деновите на екологијата.

Како што потенцира за медиумите градоначалникот Аце Коцевски, зелениот појас кој е првата поголема зелена површина околу поранешната Топилница, пред денешната  акција беше грда дива депонија со секаков вид на комунален отпад и градежен  шут.

-Ја исчистивме локацијата, а со што акцијата е успешна и затоа апелираме до граѓаните до нивната совест да не ја уништуваат и загадуваат со смет, оваа зелена оаза на градот бидејќи на сите ни е потребна, потенцира Коцевски.

Во акцијата учествуваа претставници од невладиниот сектор од граѓанското здружение „Акцијаш“ и општинскиот Црвен Крст, претставници на општинската администрација и локалните институции и вработени во училиштата. Акцијата ја координираа екипи на ЈКП „Дервен“, а помош со механизација дадоа и три велешки градежни фирми: „Евроинженеринг“, „Трго цемент“ и „Изгрев инженеринг“.

Градоначалникот Коцевски, најави дека ќе предложи  на Советот  на Општина Велес на една од наредните седници  да се гласа на постоечката депонијата за градежен шут во Велес, граѓаните во иднина да може да го исфрлаат својот шут бесплатно. Сето тоа како што нагласи за  да намалат и да ги снема дивите депонии на градежен шут во околината на градот.
 
Воедно градоначалникот Коцевски, информира дека ЈКП„Дервен“ од почетокот на годинава до вчера на разни локации во градот и околината собрал 105 метри комунален и друг отпад.