Македонија
1. July 2017 - 15:46

Акција за чистење на речното корито и стариот градски парк во Куманово

Во рамки на акцијата „Зелено Куманово“ 120 граѓани од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, денеска го чистеа речното корито на Кумановка, кај кејот и го уредуваа стариот градски парк во Куманово. 

Акцијата се реализира на иницијатива на здружението „Кумановски акцијаши“, со поддршка на општина Куманово и екипи на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, кои со механизација помагаат во изнесување и депонирање на сметот.

Градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски изјави дека во акцијата учествуваат акцијаши од дванаесет градови од Босна и Херцеговина и Србија.

- Работиме на две локации. Хортикултурно се уредува стариот градски парк, а поголема група на акцијаши работат на расчистување на речното корито од вливот на Којнарка и Липковка во Куманово до старата кланица, тука каде машински не може да се дејствува, изјави Дамјановски.

Посочи дека наредната недела екипите ќе работат на расчистување на коритото од автопатот до вливот на реките со што, како што рече, ќе се заштити овој дел од Куманово, покрај речното корито од можни излевања.

Тој нагласи дека на овој дел од градот ќе се постави и комунална опрема, така што стариот градски парк ќе биде убаво рекреативно место за граѓаните. Дамјановски апелираше до граѓаните совесно да се однесуваат кон непосредната животна средина, а најави дека до есен поголем дел од дивите депонии ќе бидат расчистени.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Сашо Петрушевски информираше дека претпријатието се вклучува со механизација во овие акции и најави одржување на веќе исчистените локации, како и нова акција за изнесување кабаст отпад еден ден во неделата.

Претседателот на „Кумановски акцијаши“ Јусуф Љатифи истакна дека акцијашите без разлика на националната, верската и политичката припадност се обединуваат и работат заеднички за подобри услови во една локална заедница.

Претседателот на Сојузот на акцијаши на Македонија Рамадан Сали изјави дека локалната акција продолжува и утре и изрази надеж дека акциите ќе продолжат и во други градови, годинава во Охрид, а идната година во Скопје. 

Акцијата ќе продолжи и наредните денови.