Свет
10. May 2017 - 21:15

Ахерн: Нема лесно решение за границата меѓу Ирска и Северна Ирска

Поранешниот ирски премиер Берти Ахерн денеска изјави дека „не постои лесно решение“ за границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска, пред Велика Британија да ја напушти ЕУ.

- Претпоставката е дека ќе се настојува да се обезбеди да нема попречување на трговијата меѓу Северот и Републиката на Југот, но царинската проверка ќе биде неизбежна, изјави Ахерн.

Тој сепак, смета дека сега не е време за изјаснување околу границата, оценувајќи дека владите во Даблин и Лондон по британските парламентарни избори на 8 јуни треба да помогнат во обезбедувањето договор за повторното функционирање на институциите во Белфаст.

По вонредните избори во Северна Ирска, најмногу пратенички места во северноирското Собрание и натаму има Демократслата унионистичка партија (ДУП), но сега таа предност е сведена на само еден пратеник, пред второласираната Шин Феин.

Според мировниот договор, овие две партии треба да се договорат за создавање влада со која заеднички ќе управуваат, но договор не е постигнат. Шин Феин не се согласува новата влада и натаму да ја предводи Арлен Фостер, која беше причина и за падот на претходната влада и бара договор за статусот на ирскиот јазик.

- Мора да се обезбеди далеку поцврст консензус за сите незатворени прашања, па затоа покренувањето на граничното прашање, може уште повеќе да ја искомпикува ситуацијата, смета Ахерн.

Во март годинава, во интервју за Би-Би-Си, тој предупреди дека дисиденти на ИРА може да го искористат враќањето на границата со Брегзит за обнова на насилството во Северна Ирска.

Големо мнозинство Северноирци на референдумот од 23 јуни минатата година се изјаснија против напуштање на ЕУ, најмногу стравувајќи од можноста за обнова на границата и за ново делење на Ирците од Северот и Југот на островот.

Ахерн беше ирски премиер во време на преговорите за мировниот процес од април 1998 година и заедно со тогашниот британски премиер Тони Блер обезбедија тој да биде постигнат и да се спроведе.