Македонија
19. November 2019 - 16:51

Адвокатите тврдат: Загрозен е животот на Боки 13

Бранител на Бојан Јовановски Боки – 13, адвокатот Сашко Дукоски денеска на прес-конференција побара неговиот клинет итно да биде хоспитализиран и да биде лекуван, поради сериозни здравствени проблеми.

Боки – 13 е обвинет во случајот „Рекет“ и се наоѓа во притвор во Затворот Скопје. Според Дукоски, тој е речиси 120 дена во притвор, а за тоа време најмалку 30 пати бил однесен на лекарска интервенција.

Според Дукоски, Боки 13 има проблеми со желудникот, констатирана е целосна нефункционалност на левиот бубрег, за што цитираше и медицински документи, а антибиотската терапијата што му била препишана не му била овозможена.

– Клиниките во Скопје предлагаат и бараат хоспитализација бидејќи не може да се спроведе третманот на овој пациент во Затворот Скопје, меѓутоа тоа не се дозволува од затворскиот лекар, обвини Дукоски.

Дуковски вели дека неговиот клиент не може самостојно да се движи, мокри крв и му треба помош да оди по голема нужда.

– Се поставува прашањето дали за секого и за сите граѓани важи Уставот на Република Македонија и член 8, член 9 и член 11. Како се тоа еднакви кога не може да му се пружи медицинска заштита. Не бараме милост, но заслужува еднаква нега. Не бараме таа нега да биде извршена во некаква приватна клиника, туку во универзитетските клиники и болницата „8-ми Септември“. Право на здравствена заштита што следува на секој пациент во државата, изјави Дукоски.