Бизнис
21. јуни 2018 - 19:44

5,8 милиони евра ќе добијат земјоделците за механизација

Земјоделците ќе добијат 5,8 милиони евра за модернизација на механизацијата. Овие пари државата ги вбризгува во аграрот преку ИПАРД 2 програмата. Денеска беа склучени првите договори со земјоделците. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, изјави дека се работи на тоа земјоделството, како една од основните гранки во државава, во иднина да стане темел на економскиот раст.

Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, најави реализација на дополнителни 240 договори со земјоделците што аплицирале за набавка или обнова на дополнителна механизација од типот прскалки, системи капка по капка, расфрлачи на ѓубриво итн.

Од вкупно предвидените 5,8 милиони евра, 1,4 милиони се буџетски пари, а остатокот државата ги обезбедува преку европските фондови.

ИПАРД Програмата за периодот 2014-2020 година нуди вкупно 60 милиони евра, посочија од делегацијата на ЕУ. До сега, околу 1300 земјоделци ја искористиле оваа финансиска помош.