Македонија
10. October 2019 - 16:51

50.000 евра и луксузен мебел завршиле кај Катица Јанева

Тросед, двосед, табуретка и 50.000 евра во кеш може да и донесат 3 години затвор на Катица Јанева доколку обвинителството успее да до докаже обвинението кое против неа, Боки 13 и Зоран Кичеец го покрена денеска.

„Со преземените службени дејствија второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра“ – стои во соопштението на обвинителството.

На Боки 13 покрај комбинациите со Јанева, на товар му се става  и делото „Перење пари“.

„Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.“ – велат од Обвинителството.

За секое од овие две дела кои обвинтиелството му ги става на товар, на Јовановски му се закануваат затворски казни од една до 10 години.

И Кичеец ќе се гони за примање награда за противзаконско влијание. Според Обвинителството, тој бил задолжен да договара средби со сопругата на Орце Камчев и да го уверува дека Боки 13 има силно влијание врз Катица Јанева.

Заедно со обвинението, обвинителството побара од Судот тројцата обвинети пресудата да ја чекаат во притвор.

Катица Јанева, Боки 13 и Зоран Кичеец на крајот од летово беа приведени откако во медиумите беа објавени видео снимки и телефонски разговори кои индицираат дека изнудиле 1,5 милиони евра во кеш од Орце Камчев.