Македонија
28. October 2017 - 20:23

35 општини утре ќе добијат градоначалници – анализа пред вториот круг

35 општини утревечер ќе ги добијат своите градоначалници. Во вториот круг од локалните избори ќе се избира меѓу 68 кандидати од 8 политички партии и 2ца независни претенденти кои утре ја бараат довербата од 833 710 граѓани кои се на избирачкиот список. Гласачите своето право ќе можат да го остварат на 1517 избиачки места. Поголем дел или 387 гласачки места се во шесте скопски општини каде право на глас имаат 260 194 граѓани.

Во Скопје утре се избира градоначалник на општините Гази баба, Кисела Вода, Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Сарај. Овде силите преку свои кандидати ќе ги измерат 8 политички партии.

Од скопските општини каде во втор круг утре ќе се избира градоначалник, во општината Гази Баба има најголем број на гласачи или 61 831 кои гласаат во едно од  92 избирачки  места. Во оваа општина во првиот круг имало и најголема излезност 58,2 посто од гласачите. Шуто Оризари е општина каде има најмал број на граѓани со право на глас. 23 289 гласачи и 36 избирачки места. Според статистиката на ДИК ова е и општината каде имало најмал одзив 33 отсто во првиот изборен круг.

Во Чаир право на глас имаат 57 767 граѓани, во Кисела Вода 53 090 граѓани, во Општина Бутел 33 275 гласачи и во Сарај во втор круг градоначалник ќе избираат 30 942 од  граѓаните. 

Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места. Најголем број гласачи има во Тетово  82 887 граѓани а потоа е Гостивар со 79 632 гласачи. Општина каде градоначалник ќе избираат најмал број на гласачи е Зрновци каде право на глас имаат 2628 граѓани.

Најголема излезност во првиот круг имало во општината Демир Капија каде гласале 71 посто од гласачите. Најмал одзив  имало во Желино каде 32 проценти од вкупниот број на гласачи го оствариле своето право на глас.

 

Двете најголеми македонски политички партии во Брвеница и Могила ќе се соочат со независни кандидати.

Според резултатите од првиот круг во 4 општини разликата меѓу кандидатите била помала од 100 гласа. Најтесно беше во Штип или само 36 гласа разлика меѓу кандидатите кои утре повторно ќе ја бараат довербата од гласачите. Под 100 гласа разлика во првиот круг имаше и во Демир Капија, Росоман и Чешиново Облешево.

Најголема предност по првиот круг имаше во Тетово со близу 4500 гласа разлика меѓу двајцата кандидати кои во трка за градоначалник продолжуваат утре.

По првиот круг од локалните избори 59,5% од вкупниот број на гласачи избраа 46 градоначалници од кои два мандати освоија независни кандидати.

Но овие бројки не значат ништо, бидејќи утре секој почнува од нула.

За вториот круг од Локалните избори ДИК акредитираше 5.101 домашен  и 473 странски набљудувачи. Покрај македонските, овие избори утре ќе ги следат и 20 странски новинари. Во споредба со првиот изборен круг, за утре ДИК има акредитирано поголем број и на набљудувачи и на новинари.

Од домашните најголем број лица кои ќе го следат процесот на гласање  има МОСТ – 2.917 а од странските најмногу набљудувачи има Мисијата на ОБСЕ ОДИХР и тоа 289 лица.

Овие локални избори покрај тоа што ги следат делегација на ЕУ,  на Американската амбасада која има акредитирано 35 набудувачи, интересот е голем и кај руската, албанската, амбасадата на Франција, Велика Британија, како и централни изборни комисии на  Косово, Бугарија и државна изборна комисија на Црна Гора.