Македонија
17. August 2018 - 16:13

26 години АРМ- Прославата на едно место го обедини државниот врв

Иако со целосно спротиставени политички ставови во однос на претстојниот референдум, државниот врв денеска обединет во честитките по повод Денот на Армијата 18-ти август.

Пред највисоките претставници на Армијата, како и пред дипломатскиот кор, политичарите согласни во едно - Армијата е основен стожер и темел на македонскиот интегритет и суверенитет.

Според претседателот и врховен командант на оружените сили Ѓорѓе Иванов, предизвиците денес произлегуваат од современата технологија, мигрантската криза, како и заканите од радикални поединци и групи, а на Балканот повторно се зборува за корекции на граници и размена на територии, при што се заборава дека тоа создава негативна верижна реакција.

На манифестацијата одржана во кругот на Генералштабот, Иванов повика и на повишување на инвестициите во одбраната. Истакна дека важни се инвестициите во современите технологии поради новите хибридни закани, а најважна, како што рече Иванов, е инвестицијата во подобрување на животниот стандард на Армијата. Додаде и дека военото лидерство секогаш треба да биде имуно на партиски и политички притисоци.

На досега сработеното и на приоритетите на Министерството за време на нејзиниот мандат се осврна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска. Оцени дека придобивките од членството во НАТО се бројни, а упати и порака во врска со претстојниот референдум.

Од името на ВМРО ДПМНЕ, Денот на АРМ го честиташе и претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Тој преку социјалните мрежи меѓудругото порача дека мора да се води поголема сметка и грижа за припадниците на АРМ, а поддршката од државата и обезбедувањето на основни услови за непречена работа мора да бидат приоритет.

Затоа е важна и одбраната на тој институционален идентитет како важен елемент на националниот идентитет на нашата држава и народ, загрозен со договорот кој го договори Македонската Влада. АРМ како и сите други институции во државата кој во себе го содржат зборот Македонија мора да продолжат да бидат носители и обележје на нашето постоење, пишува Мицкоски.

На централната прослава на Денот на АРМ, Генералштабот на Армијата доби нов началник. По истекот на тригодишниот мандат на досегашниот прв човек Методија Величковски, за нов началник со указ од претседателот Иванов е назначен генерал мајор Васко Ѓурчиновски. Новиот началник на Генералштабот досега ја извршуваше функцијата постојан воен претставник на АРМ во седиштето на НАТО во Брисел.