Македонија
16. July 2018 - 16:24

2,5 милиони денари за ,,Пиво фест‘‘

Со настапот на Шабан Шаулиќ синоќа во Прилеп заврши 16-тиот по ред Пиво Фест. Според организаторите оваа манифестација ја посетиле околу 200.000 граѓани, од кои 100.000 биле гости надвор од Прилеп. Само во саботата и неделата во Прилеп според статистиките влегле над 8.000 возила од другите градови. Атмосферата и забавата за овие 4 фестивалски дена беа на одлично ниво, а публиката можеше да ужива во различни видови на музика, како Ван Гог, Црвена Јабука, Кирил Џајковски, Бени, Дани, Тони Зен, Милица Тодоровиќ, Џенан Лончаревиќ, Жељко Јоксимовиќ и многу други.

„Имавме 4 дена добра забава, одлична атмосфера, каде што сите граѓани се забавуваа, никакви сериозни инциденти немаше на фестивалот и хигиената беше на високо ниво“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Според неформалната анкета која ја направила Општина Прилеп 65% од граѓаните биле задоволни со начинот на организација на фестивалот и неговата локација. Од наредната година ќе се размислувало дали и какви промени би имало.

„Наредната година можеби би требало повеќе да се размислува на македонските изведувачи, тоа не значи дека не би го задржале континуитетот на фестивалот, но се разбира дека постои можност да вметнеме театар, лииковна уметност, изработувачи на накит и слично. Мислам дека фестивалот треба да добие една поинаква димензија“, истакна Дарко Манасиевски, Ентфинити.

За оваа манифестација Општина Прилеп од буџетот оддели 2,5 милиони денари, за што даде и отчет кои пејачи колку пари добиле. Поголемите музички ѕвезди пак потпишале договор со организаторот Ентфинити и според тие договори не било дозволено изнесување на сумата за колку пари пејачите гостувале на фестивалот.