Македонија
18. November 2017 - 16:27

19-годишно момче од Радовиш загина во сообраќајка на патот Радовиш-Струмица

Деветнаесет годишно момче од Радовиш утрово загина во сообраќајка на магистралниот пат Радовиш-Струмица кај клучката Воиславци.

Во несреќата дошло до директен судир на два автомобили, марка „голф“ и „мерцедес“. Со голфот управувал Кристијан Р. кој починал на лице место.

Неговата сопатничка и врсничка Елена, се здобила со тешки телесни повреди и со возило на итна медицинска помош, е пренесена во Здравствениот дом во Радовиш.

По повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, 19 Ноември, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до сите надлежни институции да ја подигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување, но исто така апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот, да покаже повисоко ниво на свест, одговорност и будност.

Во Република Македонија, на годишно ниво, животот во сообраќајни незгоди го губат околу 160 лица, а повеќе од 6000 се повредени. 

Голем број од загинатите и од повредените се деца и млади. Многумина сообраќајните незгоди со право ги нарекуваат епидемија или црна чума на 21 век. 

Секојдневно возачите, особено младите, не го ценат животот. Без размислување притискаат на педалата за гас, возат пијани, не користат безбедносен појас и се добива впечаток дека ниту казните, ниту црните судбини не допираат до нив.

Секоја жртва на патиштата претставува огромна и ненадоместлива загуба за општеството и за семејството и останува празнината која на никој начин не може да се надополни, се наведува во соопштението на Републичкиот совет.