Македонија
17. July 2018 - 18:10

14-месечното бебе не било носено редовно на лекар, ниту било вакцинирано - МВР нема детали за ѕверското насилство

Претепаното 14 месечно бебе не примило ниту една вакцина и воопшто не е евидентирано во пунктот за имунизација во Јане Сандански. Ова го откриле од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кои по објавување на случајот во медиумите направиле истрага на сопствена иницијатива. Малото девојче имало матичен педијатар каде мајката го однела само петпати. Последната посета кај лекар била во април годинава.

- Од евиденцијата кај матичниот лекар се гледа дека го носела за проблеми со горнореспираторни инфекции, но ниту еднаш не го однела на бараната контрола од лекарот. Воопшто не примило вакцина и годинава било двапати кај лекар и тоа во февруари и април, вели Ирина Бухова, директор на ДСЗИ

Засега ниту од МВР ниту од обвинителството не го побарале извештајот од државниот санитарен и здравствен инспекорат. Детето се уште е на одделот за Интензивна нега на Детска хирургија, каде лекарите се загрижени од резултатите што ги добиваат од дијагностичките процедури. Извештајот од магнетна резонанца е напишан на цела страница со сите повреди на главата од кои голем дел биле од поодамна. Малото девојче освен губење на видот, може да има последици и на говорот, слухот како и сериозни потешкотии со движењето.

-Овие повреди се од физичка природа, малтретирање на детето како и паѓање од височина. Го следиме, сега е стабилно и надвор од животна опасност но веќе има оштетување на очниот нерв и со едното око не гледа. Поради скршениците може да има и проблеми со локомотниот систем, вели др. Марјан Камиловски, хирург на Детска хирургија.

И покрај изјавите на лекарите дека детето има и стари повреди и било тепано и порано но за тоа не е барана медицинска помош, од МВР се уште не утврдиле кој е насилникот и дали некој ќе одговара кривично. Мајката е во Шелтер Центар а социјалните работници најавија дека бебето од бочлница ќе биде сместено во згрижувачко семејство.