Македонија
2. December 2020 - 20:01

110 тони гранати од Првата светска војна пронајдени близу стадионот во Битола

Вкупно 110 тона односно 12.300 артилериски гранати од Првата светска војна беа пронајдени во близина на стадионот во Битола, откако беше пронајдена првата граната на 26 октомври при изведување градежни работи. Акцијата завршува утре.

„Утре останува уште пребарување на теренот бидејќи во ова место од каде што ги извадивме очекуваме со детектор да пронајдеме уште оклу 20 до 30 парчиња кои што не сме ги виделе да ги извадиме. Утре дефинитивно се завршува со овај дел од акцијата. Ова е половина од акцијата, од 15ти почнуваме со другиот дел кој што е покомплексен, односно уништување на истите средства“, рече Ефтим Митрев, пиротехничар и координатор на акцијата.

Гранатите се собираат во магацинот на Дирекцијата за заштита и спасување, а во текот на овој месец ќе се транспортираат на уништување во Криволак.

„Очекуваме после 15 како што се имаме договорено со министерството за одбрана во Криволак да почни и процесот на уништување. Таму има одредени прописи и правила кои што треба да ги запазиме во однос на чување на животната средина меѓутоа пред се треба да направиме еден баланс што од овие гранати била тука за сите овде граѓани и во однос на сите овие околности кои што треба да ги завршиме“, рече Беким Максути, директор на ДЗС.  

Инаку Владата на вчерашната седница донесе одлука со која со еднократна помош од 500 евра ги наградува 7-те пиротехничари кои беа дел од акцијата која е една од најголемите на Балканот. Максути истакна дека се прават напори за решавање на статусот на пиротехничарите, но и обновување и проширување на кадровските ресурси.