Македонија
1. October 2024 - 17:01

100 дена Влада - Интеграција во ЕУ и подобрување на животниот стандард

Владата нема да направи ништо што ќе биде спротивно на националните интереси, отстапки и понижувања кои ќе донесат срам на македонскиот народ – на 100 дена дена од почетокот на мандатаот на оваа влада премиерот Христијан Мицкоски порача дека полноправното членство е стратешки приоритет на владиниот кабинет. Подготвен е да разговара со секој, за да се надмине билатералниот проблем со Бугарија и да се дојде до компромис. Иако стигнуваат различни ставови од министрите во однос на уставните измени, Мицкоски е дециден дека нема да прифати диктати и ултиматуми, оти тоа не се европски вредности.  

„Не сме сами, имаме многу пријатели кои се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на европските политичари, јас не сум таков. Не сум инаетлив човек, подготвен сум да прифатам аргументи, но досега не слушнав аргументи зошто да не бидеме членки на ЕУ. Поради тоа, продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните, остануваме на патот на ЕУ, градејќи партнерства и пријателства. Диктати, закани и уцени не прифаќам“, порача Мицкоски во експозето.

Им се обрати и на ДУИ и на СДСМ, наместо пораките кои ги испраќаат за да ја раздвојат владината коалиција да бидат силна и конструктивна опозиција.

Премиерот вели направени се грешки, но не катастрофални како претходната гарнитура, реакциите на јавноста биле слушнати и не било дозволено партизирање на институциите.

Борбата со корупција останува владин приоритет. Откако истече рокот кој го остави за предлози и решенија како да се врати довербата во правосудството, најави план со кој до крајот на годината од 2 отсто, довербата би пораснала барем до 10 проценти.

„Дел од критиките се однесуваат на борбата против криминалот и корупцијата, односно зошто не апсиме. Нема да дозволам од тоа да правам естрада, ниту преку својата позиција и злоупотреба на институции да демонстрирам реваншизам, сила и моќ. Човечки е да се простува, но потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Има институциии, закон и устав, тие што направиле прекршок да одговараат. Затоа ве молам да бидете трпеливи“, порача Мицкоски.

Во првите 100 дена од владата премиерот придружуван од владиниот тим се пофали со повеќе од 10о завршени проекти, донесени странски инвестиции, инфраструктурни зафати. Реализиранио се ветувањата за зголемување на пензиите за пензионерите, намалени цени на стотина производи, намалување на даноците „со што ќе станеме држава со најмали даноци во Европа“. Вратени биле долговите за заостанати плати во јавните претпријатија. Како што вели Мицкоски за прв пат по 7 години учениците добија бесплатни учебници, понудено било вработување за околу 600 лекари специјализанти и проширена листата на лекови.

До мај следната година ќе биде пуштена и првата половина од автопатот Кичево-Охрид, а до крајот на 2026-та и целосно завршен.

За владата интеграцијата во ЕУ и подобрување на животниот стандард остануваат стратешки приоритети во текот на мандатот.