Македонија
8. October 2018 - 12:51

Заев за „Еуроњуз” на грчки: На Македонија не ѝ се потребни избори

 На Македонија не ѝ се потребни избори, избори ќе има само доколку се неопходни, вели премиерот Зоран Заев во интервју за сервистот на грчки јазик на „Еуроњуз” и додава дека во тек се консултации со пратениците.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, македонскиот премиер истакнува дека само доколку не успеат сите можни начини за постигнување на двотретинско мнозинство во собранието, само тогаш земјата ќе оди на избори, а паралелно ги повика пратениците да го сторат она што е нивна должност кон државата.

- На Македонија не и се потребни избори. Македонија сега е на правилен пат. Ќе отвориме едно поглавје во јуни. Ќе имаме наше место на масата на разговори во Брисел и во НАТО со почеток на ратификацијата на протоколот во парламентите на 29 држави членки на НАТО. Од економски аспект, Македонија се наоѓа во одлична ситуација и нема потреба да одиме на избори, Освен ако не е потребно. А секако, ако распишеме избори очигледната цел ќе биде 2/3 односно 80 пратеници, вели Заев и објаснува дека, според анализите, во случај на избори владата ќе добие мнозинство.

Македонскиот премиер,сепак, истакнува дека сега тоа што е потребно е политичарите и пратениците да ја чујат испратената порака на оние 91 отсто од гласачите кои гласаа “ЗА” и кажаа во која насока сакаат да се движи земјата.

- Пораките од комесарот Хан и целата европска заедница се јасен поттик кон пратениците да го завршат тоа што беше започнато и очекуваме тоа да се случи. На тоа се фокусираме, бидејќи сум убеден дека и опозицијата го поддржува патот кон Европската унија и НАТО. Немам никаков сомнеж за ова. Она што треба да се случи е да запрат политичките пресметки за да го завршиме овој процес за нашата земја. Денови се во прашање. Се прават консултации, јас разговарам, пратениците разговараат меѓу себе, раководството на владејачката партија, но и на партиите што се во владата од албанскиот блок, разговараме со пратеници и веруваме дека е можно и ќе направиме сѐ за да успееме, објаснува македонскиот премиер во кусото интервју за „Еуроњуз”.

Премиерот Заев вели дека разменил пораки со „премиерот и пријател Алексис Ципрас”, кој го поздравил референдумот со над 90 отсто гласови “ЗА”.

- Има доволно време, но сите се согласуваме дека колку побргу се имплементира договорот, толку подобро ќе биде за двете земји, бидејќи самиот договор нуди многу придобивки. Министерствата за надворешни работи на двете земји се во континуирана комуникација, како и нашите влади и сите се фокусираме на следната фаза што е имплементација на договорот во собранието, вели Заев.с