Балкан
17. January 2018 - 10:55

„Волстрит џурнал“: Грција е на чекор од излез од спасувачката програма

По речиси осум години економски и политички тензии, Грција сега е на чекор од тоа „да ги скине оковите“ на спасувачкиот режим, кој беше трауматичен за нејзините граѓани, пишува весникот „Волстрит џурнал“.

Весникот оценува дека клучен елемент за излез на Грција од програмата за спас ќе биде успешното завршување на третиот преглед на нејзината програма на 22 јануари.

Во написот се наведува дека Грција, но и европските држави се во огромно очекување да ја остават зад себе грчката драма. Тие веруваат дека е можно Атина да излезе од спасувачката програма во август, кога и истекува нејзиниот рок..

„Волстрит џурнал“ појаснува дека Владата во Атина сака излегувањето од програмата да биде „чисто“, без евентуална четврта таква програма, што би значело функционирање без економски мерки и друго кредитирање. Но, бидејќи Владата и ММФ се залагаат за натамошно намалување на грчкиот долг, многумина високи претставници, како што е поранешниот шеф на Еврогрупата Томас Визер, изјавија дека намалувањето на долгот ќе биде проследен со повеќе обврски од грчка страна.

Американскиот весник коментира дека следните месеци ќе се види дали Грција ќе излезе од програмата „чисто“, како што посакува или сепак ќе мора да прифати друг спасувачки режим, заради превенирање на нова должничка криза.