Бизнис
22. October 2019 - 19:40

ВМРО - ДПМНЕ: Поништена постапката за набавка за електростатски филтри за РЕК Битола

Постапката за набавка за електростатски филтри за РЕК Битола е поништена, а приказната за грижата за животната средина се распадна, обвинија денеска од ВМРО - ДПМНЕ Битола.

„Откако во неколку наврати и Зоран Заев и Радмила Шеќеринска доаѓаа во Битола и лажеа и во текот на 2018 и во текот на оваа година и го посетуваа РЕК, дека за две недели започнува постапката, па дека е започната, па дека филтрите само што не се монтирани и така натаму во нивниот стил “зборот важи”, а всушност покажаа само дека немаат збор и не знаат што е тоа“, изјави Олга Лозановска, ВМРО - ДПМНЕ Битола.

Во испратеното соопштение од РЕК Битола стои дека Државната комисија за жалби по јавни набавки го поништи тендерот за избор на економски оператор за реконструкција на електростатските филтри во РЕК Битола.

Велат се работи за забелешки од формално – правен карактер кои ќе бидат отстранети и во најкус можен рок јавната набавка повторно ќе биде објавена.

Напоменуваат дека раководството на РЕК Битола и на АД ЕСМ доследно ги почитуваат законските прописи кои во случајов наложија јавната набавка која е од исклучително значење за комбинатот, за компанијата и за државата, да започне од почеток и дека доцнење во реализацијата на овој проект нема да има.