Македонија
26. November 2015 - 16:48

ВМРО - ДПМНЕ побара Спасовски итно да го расчисти случајот со фалсификуваните лични карти

ВМРО ДПМНЕ инсистира техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски  што е можно побргу да ја истражи аферата за наводна злоупотреба на фалсификувани лични карти на минатите избори. Според владејачката партија Спасовски  има целосна одговорност да го расчисти овој случај и ги има сите овластувања и  ресурси во најкус можен рок да излезе со резултати од истрагата.

- Оливер Спасовски мора да одговори кој ги изработил фалсификуваните лични карти, каде ги изработил и кој ги има злоупотребено на гласање? Доколку сето ова не точно и доколку се работи за манипулација, Оливер Спасовски мора да одговори кој се обидува да ги манипулира граѓаните и истиот да го изведе пред надлежниот суд, изјави на прес конференција Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.

За ВМРО ДПМНЕ само на тој начин Спасовски ќе докаже дека не е дел од уште едно сценарио на СДСМ за избегнување на одговорноста од новиот пораз кој ги очекува на изборите во април.

- Господинот Спасовски е одговорен и пред Фокус и пред целокупната македонска јавност да излезе со брза и аргументирана кривична пријава. Или против тој што го сторил криминалот или против тој што со лажно пријавување сака да фрли сомнеж врз изборите, додаде Милошоски.

Од ВМРО ДПМНЕ потенцираат  дека на изборите на 24-ти април не смее да има ниту една дамка и не смее да се остави ни најмал простор за сомнеж и причина некој повторно да ја оспорува одлуката што ќе ја донесе народот во Република Македонија.