Македонија
24. March 2018 - 19:09

Тито Петковски: Иванов е должен да го потпише указот

Законот за употреба на јазиците останува е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму се закануваат дека секој обид законот да биде објавен во Службен весник без потпис на претседателот на државата, ќе повлече кривична пријава против спикерот на Собранието, Талат Џафери и против Службениот весник.

Но, за тоа колку претседателот на државата го штити Уставот на Македонија, ни потврдува член 75 кој вели:

Член 75 од Уставот на Р. Македонија:

-Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

Од СДСМ тврдат дека ако некој работи во спротивност со Уставот, тогаш тоа е Иванов. Социјалдемократите велат дека претседателот држи партиска страна и оти таквиот преседан може да се повтори и во иднина со што се доведува во прашање владеење на правната држава.

Екс-претседателот на Собранието, Тито Петковски, вели дека Иванов е должен да го потпише указот, а потоа да се остави Уставниот суд да одлучи за неговата уставност. Ако тоа не се случи, Петковски гледа друга алтернатива.

А, од кабинетот на претседателот го повторуваат стариот став на Иванов дека нема да го потпише указот. Во меѓувреме, од Службениот весник негираат дека до нив пристигнал документ од Собранието за објавување на законот за употреба на јазиците.

Потписот на Џафери не може да го замени потписот на Иванов

Талат Џафер и да стави потпис наместо претседателот Ѓорге Иванов на указот на Законот за употреба на јазиците тоа нема да биде валидно бидејќи собранискиот спикер не може да го заменува шефот на државата во услови кога тој во целост ја извршува својата функција.

Ваквиот заклучок произлегува од веќе воспоставените преседани кога Уставниот суд ваквата постапка ја оценил како противуставна. На ова упатува одлуката на Уставниот суд од 1998 кога имало ваков обид од страна на Тито Петковски по повод законот за знамиња на националностите.

Петковски тогаш се потпишал на указот на местото на претседателот Киро Глигоров кој бил на службено патување, а по ова Законот за знамиња бил објавен во службен весник со два потписа од тогашниот собраниски спикер Тито Петковски. Година дена подоцна Уставниот суд одлучил дека ваквото законот е неуставен, а уште побитно како неуставна ја оценил и постапката на  Петковски за потпишување на указот.

Уставниот суд тогаш во образложението истакнал дека, указот е потпишана од Претседателот на Собранието во својство на претседател на државата  иако на претседателот на Републиката не му престанала  функцијата, ниту бил спречен да ја врши’’.

Во овој случај уставните судии се повикувале на Членот 92 од Уставот каде што е дефинирано кога собранискиот спикер ја врши функцијата на претседател на државата. Во овој член се утврдени три ситуации кога Претседателот на Собранието е овластен да го заменува:

  1. Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на Претседателот по сила на Уставот до избор на нов шеф на државата.
  2. Настапилe услови за престанок на функцијата претседател што го утврдува Уставниот суд по службена должност.
  3. Во случај на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата.