Свет
13. August 2015 - 14:17

Талибанците ја критикуваат Исламската држава за суровоста

Талибанците денес ги осудиле припадниците на Исламската држава поради тоа што со експлозиви ги креваат во воздух заробениците од авганистанско потекло со врзани раце и со превези преку очите, што е објавено и на видео снимка, пренесува AFP, наведувајќи дека тоа укажува на растечкото ривалство измеѓу тие две милитантни групи, наведува AFP.

Борците од Исламската држава сè повеќе навлегуваат во Авганистан и ги предизвикуваат Талибанците на нивен терен, и тоа во периодот на промената на силите во тоа движење.

Талибанците во текот на својот 14-годишен бунт против авганистанската влада која ја поддржува САД, често беа обвинувани за свирепост, но тие остро го осудиле новото видео на ИСИС.

„Таа ужасна видео снимка ги покажува киднаперите поврзани со Исламската држава како со експлозиви брутално мачат неколку стари племенски старешини и селани“, навеле во вторникот во соопштението.

Видео снимката, која трае подолго од четири минути, се појавила во неделата на џихадистичка социјална мрежа, а очигледно е снимена во ридски области на истокот од Авганистан.

Снимката ги прикажува заробениците како „отпадници“ во ранг со Талибанците и авганистанската влада. Талибанците заробениците ги нарекле „невини цивили“.

„Овој неисламски чин никогаш не може да биде оправдан. Ваква навреда и други брутални акции кои ги направиле неколку неодговорни поединци под маска на исламот и муслиманите, не може да се толерира“, се вели во соопштението.

Талибанците се сметаат за одговорни за најголемиот број на цивилни жртви во Авганистан.

И пред веста за смртта на лидерот Мула Омар, голем број членови ги напуштиле Талибанците и преминале во ИСИС, а некои изразиле незадоволство од лидерот кој не се појавил во јавност откако во 2001 година биле соборени од власта.

Обелоденувањето на смртта на Омар може да биде ефикасно средство за регрутација на нови членови во ИСИС, затоа што така можат потенцијално да намамат повеќе Талибанци кои можат да им помогнат во освојувањето на нови простори, наведува агенцијата.

Иако Талибанците го предупредуваат ИСИС да престане со ширење во регионот, ова не ги спречило некои од поранешните членови да му се заколнат на верност на шефот на ИСИС, Абу Бакир ал Багдади.

„Моментално ИСИС е најголемиот непријател на Талибанците“, изјавил воениот аналитичар во Кабул, Атикула Амаркил за AFP.

„Со осудата на видео снимката, Талибанците се обидуваат да изградат имиџ за себе како легитимна група која ја води исламската војна, и за ИСИС како странски феномен кој се обидува да го ослабне исламот. Меѓутоа, злосторствата на Талибанците не можат да се сокријат од Авганистанците“, додал тој.

Експертите велат дека ИСИС е познат меѓу џихадистите како група која воспоставила исламски „калифат“ на огромни површини на Сирија и Ирак, и дека најверојатно нивната моќ дополнително ќе расте поради борбата за превласт во редовите на Талибанците.