Македонија
19. February 2018 - 20:30

Струмица ја продолжува традицијата се собраа на заеднички ручек на првиот ден од постот

Стотици струмичани денеска ручаа заедно на градскиот плоштад и на тој начин го одбележаа чист понеделник. Согласно традицијата,  исто како и во секое струмичко семејство  така и на плоштадот Гоце Делчев главното јадење беше белиот посен грав. Годинава истиот се подготвуваше во голем казан од 3,5 тони.  Организацијата на целиот настан траеше десетина дена, а самиот чин на варење повеќе часа.

- После десетина дена подготовки, од изнајмување на казанот па се до денешната реализација на завршува целиот тој процес на организирање на варењето на тој посен грав во општина Струмица . За прв пат оваа година ставивме 200 килограми грав од кои очекуваме да излезат меѓу 2500 и 3000 порции, вели Бранко Младенов - организатор

Зедничкиот ручек го поздрави градоначалникот Коста Јаневски според кого ваквите манифестации симболично значат и обединување на сите граѓани.

- Симболиката на овој голем казан на варење на бел грав како со векови што било од секогаш  таа традиција е всушност симболика на обединување на градот во еден заеднички настан. Тоа беше една иницијатива на граѓани и јас и ние како општина ја поддржавме, рече Коста јаневски – градоначалник на општина Струмица

Идејата за заеднички ручек ја поздравија и грашаните. Велат ова е добар начин да се продолжи традицијата на чист понеделник чувана со генерации наназад.

Со одбележувањето на чист понеделник продолжија карневалски свечености кои започнаа мината недела. Вечерва на програмата е фестивалот на афоризам и карикатура, утре се доделуваат наградите за најдобрите маски, а крајот ќе биде означен во среда со празникот Тримери посветен на армасаните девојки.