Македонија
5. January 2017 - 14:38

Снегот го отежнува сообраќајот, во Маврово 25 сантиметри снег

Највисока снежна покривка во Македонија до 13 часот денеска има во Маврови Анови каде што паднаа  25 сантиметри снег,  во Пожаране 19 сантиметри,  Тетово 18,  Лазарополе 12, осум сантиметри  во Скопје-Зајчев Рид, пет во Ѓуриште, четири во Куманово, а еден сантиметар во Крушево, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Поради врнежите од снег воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.

Според Автомотосојузот на Македонија, сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот дел наместа со остатоци од снег по интервенција на екипите на Македонијапат. АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е помала појава на одрони, особено на патните правци: Кочани - Македонска Каменица - Делчево, Виница - Берово, Гостивар - Стража, Маврово - Дебар - Струга, Демир Капија - Удово, Катланово - Велес, Крушево - Демир Хисар и Ресен - Буково.        

Снегот го забави градскиот и меѓуградскиот превоз, но без значителни проблеми, а засега не предизвикува проблеми во авиосообраќајот, каде тековно се реализираат планираните полетувања и слетувања.

Поради спуштање на поларна воздушна маса од север, според УХМР, во попладневните и ноќните часови врнежите од снег ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат интензивни. Насекаде ќе се формира снежна покривка (на планините над 50 сантиметри, а во пониските места од 10 до 20 сантиметри). Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе биде во интервал од 0 до осум степени. Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од снег, кои повремено ќе се интензивираат и ќе се формира снежна покривка до околу 20 сантиметри. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе биде околу 0.

Врнежи од снег ќе има и утре, особено претпладне, но тие ќе бидат со намален интензитет. За време на викендот облачноста делумно ќе се намали и ќе биде многу студено. Преку денот најстудено се очекува да биде во сабота со температури од минус 12 до минус шест, а во недела утринските температури ќе се движат од минус 22 до минус 10 степени.

По најавата за ниски температури и снежни врнежи во целата држава владиното Координативно тело за справување со кризи и  Управувачкиот комитет за кризи апелираа граѓаните да бидат внимателни при планирање на патувањата, да не тргнуваат на пат доколку немаат итна потреба и да носат соодветна зимска опрема. Тоа особено се однесува за транспортните возила за кои не е исклучена забрана во определен период. Компанијата ЕВН треба да формира тимови кои ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија.