Македонија
8. January 2018 - 16:25

Скопје трет најзагаден град во светот - празниците ги испразнија улиците и погоните но загадувањето порасна

Слабиот интензитет на сообраќај во Скопје поради неработните денови и отсуството на возила кои вршат дотур на роба не го намалија аерозагадувањето. Мерните инструменти на Министерството за животна средина повторно го вклучија црвеното светло. Три дена по ред загаденоста со ПМ 10 честички достигнува и над 500 микрограми на метар кубен. Најголема загаденост бележат мерните станици во Лисиче, Ректорат, Карпош.. Поради ова, надлежните повторно ги активираа мерките кои треба да ја намалат аерозагаденоста. Миење на улиците, забрана за дотур на роба и транспорт на градежни машини се дел од мерките кои за неполни 20-тина дена по трет пат се активни. Нивната примена, според градоначалникот на Скопје придонела да се смали загаденоста во споредба со претходните години.

Шилегов вели дека во изминатите денови, на терен активни биле градските инспектори кои работеле на откривање на загадувачите и најави дека резултатите од контролите ќе ги објави утре. Инаку согласно мерките против загадувањето, од денеска ќе важи бесплатниот автобуски превоз за кој Градот Скопје секој ден ќе плаќа по околу 7 милиони денари на ЈСП и приватните превозници. На ваквата одлука неодамна реагираа невладините според кои таквата мерка воопшто не го намалува загадувањето.

Освен во Скопје, мерните станици изминативе денови бележат енормна загаденост и во останатите градови од државата. Така синоќа, во цела Македонија загаденоста со ПМ 10 честички беше над дозволената граница од 50 микрограми на метар кубен..