Спорт плус
3. August 2015 - 15:56

Се оддржа Илинденска регата 2015

Во чест на големиот македонски празник Илинден, а во организација на едриличарскиот клуб Бофор и Едриличарската федерација на Македонија, под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, викендот се оддржа традиционалната 46-та по ред Илинденска едриличарска регата.
 
Во рамките на овој настан се остварија ревијални тренинг регати во класите Оптимист, Ласер 4.7 и Виндсурф (едрење на даска). Учествуваа 25 едриличари од Струга, Охрид и Скопје, а поволните временско-ветровни услови на регатното поле на потегот Горица 1 - Канео, дозволија последниот ден да се заокружат финални бодовни трки кои влегуваат во рангирање на државно ниво.
 
Во класата Оптимист во категорија до 12 години и во генерален пласман убедливо, златен медал освои Стефан Негриевски од ЕК Снегар - Струга, среброто му припадна на Виктор Сершиќ ЕК Бофор Охрид, а третото место (генерален пласман) го освои Илија Јовчески, исто така од ЕК Снегар - Струга.
 
 
Во женска категорија, убедливо со златен медал се закити Јана Гаџоска од ЕК Бофор - Охрид, а второто и третото место го освоија Надица и Јана Наумовска, исто така од Охрид.
 
Во Ласер 4.7 првото место го освои Иво Илинчев (ЕК Бофор), второто место му припадна на Кристијан Дуновски (ЕК Снегар), а третото место Александра Златеска (ЕК Снегар).