Свет
7. October 2015 - 15:16

Русија ги бомбардира позициите на ИД од воени бродови во Касписко Море

Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, изјави денеска дека вооружените сили на Русија нападнале цели на Исламска држава, со ракети од воените бродови, стационирани во Касписко Море, одалечени 1.500 километри.

Според Шојгу, биле лансирани 26 ракети, врз 11 цели на терористите и сите биле уништени.

Изјавата на рускиот министер за одбрана, доаѓа по започнувањето на првата заедничка операција на сириската армија на копно и на руските авиони, врз позициите на „сите терористи“ во реонот на провинциите Хама и Идлиб.

Опозициската сириска опсерваторија за човекови права, стационирана во Лондон, тврди дека станува збир за најжестоки борби, на армијата која остана лојална на претседателот Башар ал Асад и исламистичките групи, во изминатите месеци.

Руските авиони на 30 септември, почнаа со бомбардирањето на позициите на ИД и на разните други исламистички групи кои војуваат на сирискиот фронт, што Дамаск и Москва ги нарекуваат терористи.

Западот ја обвинува Русија дека не војува против ИД туку му помага на Асад да остане на власт. Официјална Москва ги отфрла обвинувањата на САД и на неговите западни сојузници, како и на НАТО, дека се бомбардираат позициите на противниците на „режимот на Асад“ за да му се овозможи тој да остане на власт.