Македонија
13. November 2017 - 18:19

Расправата за законот за јазиците продолжува утре

И во попладневниот дел од денешното продолжение на 15. седница, пратениците ги изнесоа различните ставови околу предлог-законот за употребата на јазиците. 

Да ги јакнеме сличностите без етнички натпервар, да одиме напред, да изнаоѓаме заеднички решенија. Ни треба современо, мултикултурно, мултиетничко, мултиграѓанско општество, а не општество без почитување на човековите права и слободи, беше пораката на владејачкото мнозинство кое повика најпрво да се усвои потребата од донесување на законот, за потоа да се влезе во суштинска расправа која ќе ги отсрани сите дилеми и сомнежи околу неговата содржина и суштина. 

Опозицијата, пак, го повтори ставот дека законот е неуставен и дека неговата примена ќе доведе до двојазичност на целата држава. Законот е непотребен и беспредметен зашто Охрискиот договор го регулира ова прашавње, се носи избрзано и без консултации на стручната фела, посочија од ВМРО-ДПМНЕ и најавија интервенција со амандмани. 

- Ве охрабруваме да подготвите амандмани. И ние тоа ќе го сториме за законот да биде ефикасен, ефективен и да ги задоволува сите критериуми поврзани со Уставот, му реплицираше Хари Локвенец на Влатко Ѓорчев кој истакна дека со предложеното решение се дискриминираат помалите етнички заедници, како и дека мора да се размислува за инструменти за заштита на македонскиот јазик. 

Доста е веќе, напомена Тунтев, од вордингот дека СДСМ дала некому некакво право. Согласно законот, станува збор за нешто што им следува на граѓаните според уставните одредби.

- Законот не е ратификуван од граѓаните зашто кога тие гласаа не беа запознаени со решенијата што сега се предлагаат. Имаа навестување, но за ова немаа можност да се изјаснат. Мора да размислиме за инструментите за заштита на македонскиот јазик зашто некогаш граѓаните кои зборуваат македонски се среќаваат со пристап кој би требало да биде подобар. Треба да дискутираме за сите јазици, но и за македонскиот јазик, истакна Ѓорчев, дополнувајќи дека не е адекватно да се оди со злоуптреба, како што рече, на европското знаменеце.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ воедно забележа дека никој не кажува колку законот ќе ја чини државата, односно колкави ќе бидат финансиските импликаци. 

Реплицираше Тунтев, дека интенцијата е да се затворат прашањата кои очигледо се уште се отворени. - Неоптоварени со избори, говори на омраза и исклучивост, сега е добро да ја утврдиме потребата од донесувањето на законот за да ги затвориме сите дупки, како што велите. Да донесеме текст кој ќе ја отсликува вистинска грижа за јазиците во Македонија, не за албанскиот јазик. Да не мислиме само на Албанците како втора по големина етничка заедница, туку и на Македонците кои не можат да ги користат правата, нагласи Тунтев, потенцирајќи дека дебата и амандманска расправа допрва ќе има и во оваа насока веќе се консултираат експерти.

Се надоврзаа Петар Атанасов и Катерина Кузмановска од СДСМ со став дека политиката не треба да се етнизира, туку треба да се решаваат вистинските, реалните проблеми на граѓаните.. - Ако сакаме да ги јакнеме заедничноста и сличностите, употребата на јазиците мора да се регулира. Ова е зародиш од кој ќе почнат да се шират вистинските, а не националните интереси. Конечно, да се стави крај на хаосот, да се понудат јасни правила наспроти самоволието за создавање меѓуетнички тензии, рече Кузмановска.

Зборуваше и Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ кој оцени дека граѓаните гласаа за економски просперитет, а не за, како што нагласи, постизборни манипулации. - Отсуства сериозна дебата.  Дали законот ќе донесе живот во Штип, Битола, Струмица,...? Животот треба да го донесе работата, на дело, рече Јовановски и праша зошто законското решение предвидува казни.

Му одговори Ивана Туфегџиќ откако најпрво ги прочита одредбите од предлог-законот во кој е јасно наведено, потенцира, користењето на службениот јазик. Доста е, порача Туфегџиќ, од ситен национализам кој граѓаните веќе го забележуваат. Важно е Собранието да испрати порака до граѓаните дека ги гарнтира и штити нивните права.

- На македонските граѓани, независно од етничката припадност, им даваме права врз основа на цивилизациските вредности на една демократска држава, а казнувањето се однесува на органите на државната управа. Уредуваме однос на граѓаните од другите етнички заедници со органите на државната управа, нагласи пратеничката и упати јавно прашање до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да кажат колку противуставни закони донесоа кога беа мнозинство во Собранието.

Собраниската расправа ќе продолжи утре во 12 часот.