Македонија
17. December 2015 - 16:35

Попоски: Во спорот за името меѓу Грција и Македонија стојат планини

Планини стојат помеѓу Македонија и Грција во спорот за името. Посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на Атина, најавувана како историска посетата не донесе нови моменти во спорот за името.

,,Позициите на двете влади во двете земји се јавно познати и мораме да констатираме дека тие се далеку една од друга. Поради тоа соодветствува фактот  дека имаме планини да надминеме во однос на овој спор‘‘, изјави Попоски.

Попоски и во Атина потврди дека прашањето за името нема да се решава без референдум.

Претходно, иако грчки извори тврдеа дека шефот на грчката дипломатија ќе стави на маса нови идеи за решавање на деценскиот спор, и според изјавата на Коѕијас нема нови моменти, а тенденцијата е чесен компромис.

„Околу разликите за името се разговара на повисоко ниво во ОН во консултација со медијаторот Метју Нимиц. Бараме чесен компромис кој ќе се бори против национализмот и иредентизмот на двете страни и ќе ја помогне иднината на двете земји“, изјави Коѕијас.

Сепак, истите грчки извори претходно предуредија дека за успех во решавање на спорот е потребна дискретна дипломатија.

Двајцата министри затоа се фокусираа на натамошно подобрување на односите, бидејќи како што истакна Попоски, без разлика на спорот, двете земји имаат многу слични стратешки интереси, а Македонија има стратешки интерес за одлични односи со Грција поради што во тој правец треба да се развиваат и билатералните односи.

Во таа насока на средбата е разговарано и за мерките за градење доверба, енергетско поврзување меѓу двете земји, како и за подиректна соработка во делот на европските интеграции. За мигрантската криза за двете земји се значајни хуманиот и безбеден начин за обезбедување на транзит на мигрантите низ сопствената територија, за што соработката на терен се подобрува.

Попоски во Атина се сретна и со други претставници на грчката влада, како и со претседателот на државата Прокопис Павлопулос.