Бизнис
14. October 2019 - 16:45

Половина од компаниите бележат негативни ефекти од прогресивниот данок

Половина од фирмите поради зголемените трошоци од прогресивното даночење се принудени да ги одложат планираните инвестиции, да го намалат бројот на вработени или да ги поскапат производите и услугите што ги нудат. Ова го покажува анализата на Стопанската комора на Македонија.

Другата половина, пак, се компании каде работниците зимаат плати пониски од просекот во државата, па според тоа прогресивното даночење нема никакво влијание врз нивното работење. Или се работи за фирми што склучуваат договор за вработување според бруто плата, па зголемените даноци остануваат на товар на работникот.

Податоците покажуваат дека за седум месеци годинава, споредено со истиот период лани, во буџетот се слеале за 16% повеќе пари по основ на данок на доход. За бизнис секторот е нејасно дали зголемувањето е резултат на прогресивното даночење.

“Во однос на ваквиот раст, значи овие 1,4 милијарди денари што ги спомнав, врз основа на јавно достапните податоци не може да се утврди колкав дел од овој раст се должи на воведувањето на прогресивната стапка од 18%, а колку се должи на растот на платите, бидејќи во првите седум месеци нето платите пораснаа 3,6%, кај бруто платите е забележан раст од 4,8%. Исто така, се зголеми и стапката на вработеност и токму ефектот од зголемувањето може да се должи на тоа”, вели Анета Димовска од Стопанската комора на Македонија.

Министерката за финансии вели дека допрва ќе ги анализираат резултатите од прогресивното даночење, што се применува од почетокот на годинава.

Коморите во земјава се единствени во ставот дека позитивниот ефект врз буџетот ќе биде далеку помал во однос на негативните последици врз бизнис амбиентот. Сметаат дека зголемените давачки ќе поттикнат даночна евазија, а државата ќе биде помалку конкурентна кај инвеститорите, споредено со регионот.

“Многу е значајно надлежните институции кои што имаат механизми и можност да обезбедат такви податоци, да се обратат до надлежните институции од соседните држави со цел да се обезбеди податок колку македонски граѓани отвориле нерезидентни сметки во соседните држави заради пониските стапки од 10%, Србија, Бугарија, Косово итн., бидејќи ваквиот податок ќе биде многу значаен за да ја заокружиме анализата во целост”, вели Димовска.

Во анализата на Стопанската комора опфатени се околу 200 компании од сите дејности.